СПОДЕЛИ

Во денешната епизода на Вистински приказни гостин ни е Александра Дилевска Симова, директор на маркетинг агенцијата Публицис во Македонија.

Здраво Александра и добродојде во Вистински приказни.
Добар ден. Благодарам за поканата и се надевам дека ќе биде интересна приказната.

Од Wikipedia за Публицис дознав дека во моментов е четврта најголема мултинационална рекламна агенција а Publicis Македонија е една од нејзините членки. Вие сте прв човек на оваа агенција во Македонија. Како дојдовте до позицијата на која се наоѓате денес?

Wikipedia малку за’рѓала, Публицис е трета глобално најголема маркетинг комуникациска агенција и во себе вклучува огромен број на експертизи, од креативен аспект, медиски аспект, интерен аспект. Впрочем, Публицис е моментално најголемата глобално дигитална агенција, која собира голем дел на агенции глобално кои се занимаваат со дигитални комуникации. Публицис слави 90 години постоење, а ние во Македонија сме 20 години. Ние сме тука од 1996г., тие се тие 20 години. Тоа е една интересна приказна која е повеќе претприемачка, повеќе ентузијазам на млади луѓе отколку коорперативна приказна. Ние кога почнувавме немавме толку поддршка од мрежата, но тоа е таков бизнис, вие ја креирате услугата локално, имате поддршка од групацијата, но сами го градите бизнисот од нула. Така и ние почнавме, буквално од нула. Никогаш не размислувавме дали некој ќе ни помогне, ќе ни даде клиенти или не. Ние сите клиенти што ги добивме ги добивме борејќи се за секој од нив. Во тоа време клиентите на Публицис не ни беа активни во Македонија, затоа не спиевме на тоа уво дека некој ќе ни донесе клиент, ние за секој се боревме и тоа е една од јаките страни што ги имаме, бидејќи кога ќе го стекнете тоа искуство навистина чувствувате самодоверба.

Јас бев уште од самиот почеток, кога работевме со два компјутери кои сами си ги донесовме. Знам дека тоа изгледа како тоа да е голема коорпорација и дека тоа воопшто не било така. Меѓутоа токму тој претприемачки дух така се негува. Тоа е така, ние сега сме голема компанија, веројатно и најголеми и имаме одлични клиенти, секој од нив е добиен со многу труд. Агенцијата растеше постепено полека. Ние не работиме политички маркетинг, па да кажеме дека сме во некоја повластена ситуација, не велам дека тоа е лошо, за сите има место на пазарот, но тоа не е наша експертиза. Најголема препорака е препораката од вашите клиенти. Јас бев од почетокот и основач на Публицис и сега сум навистина среќна што гледам што сме постигнале и до каде сме стигнале.

На какви проблеми наидувавте во почетокот? Дали можеби имате да ни споделите некоја интересна случка од почетоците на Публицис? 

Јас не би рекла дека тоа се проблеми. Не се сеќавам дека сме имале проблеми, тоа е најнормален тек кога почнувате бизнис, кој е многу млад и непостоечки. Ние не влеговме во категорија каде што има многу други играчи, ние ја развивавме, сега е многу поразвиен пазарот на маркетинг агенции. Ние во тој период бевме повеќе како едукатори и за клиентите, а уште повеќе за луѓето. Во Македонија, во тоа време, каде ќе најдете луѓе кои се занимаваат со таа професија? Клучната работа беше да се најде тим и да ги едуцираме луѓето. Една од најголемите придобивки и ефорт кој го имавме беше во луѓето. Во нивната едукација, работа растење, професионализам. Многу случки имало, на пример, нас ни требаше многу време да се објасниме со што се занимаваме. На странските клиенти е лесно да им објасните заради тоа што тие кога доаѓаат бараат партнер и бараат и маркетинг комуникациски партнер, доаѓааат со стратегија која им е јасна, поставена, гледаат само со кого да ја адаптираат. Меѓутоа со македонските клиенти, било малку поинаку иако имаме одлични примери од времето како сме соработувале со нив исто. Не не разбирале најчесто, сме имале состанок со македонски и странски партнери, каде што на крајот на дискусијата прашањето од македонската страна е: А вие со што се занимавате, имате магацини?  Но, сега ситуацијата е поинаква, сега е многу јасно, иако има многу простор за развој, long way to go, поготово во таа маркетинг експертиза, но е многу подобро од порано.

Меѓутоа, што претставува Публицис денес? Кои се вашите најзначајни клиенти? На какви проекти работите?

Публицис во Македонија беше неколку години со ред најголема агенција. Но не е предизвикот да си најголема туку најдобра. Но, тие се некогаш поврзани работи. Секогаш кога си меѓу три, има адекватно значење, тоа е релација меѓу големината и квалитетот. Клиентите, имаме и мали и големи клиенти, но пристапот е секогаш ист, заради тоа што како вас од професионалци се очекува да го направите тоа онака како што треба, нема мерење на голем или мал клиент, тоа често го објаснуваме Нас може да не препознаете по рекламите на Телеком, се што гледате за нив од кампањи, реклами, до дигитални комуникации, медиски комуникации и настани. Стопанска Банка, ЕВН, Нестле, Пакомак, Скопска Пивара и најголемиот бренд Скопско Смут истотака. Имаме многу клиенти со кои соработуваме, Сити Мол, Нептун, но пристапот е секогаш ист. Со тоа што големи проекти, поголем труд, поголем ресурси, поголем тим, за помали клиенти квалитеот секако треба да е ист, треба да ги ангажирате тие специјалисти, за да добиете продукт кој го решава проблемот или го унапредува брендот на вашиот клиент.

Колкава е конкуренцијата во вашиот сектор и како се справувате со истата?

Знаете како, јас често имам пракса да кажам дека ние сме отпорни, бидејќи сме навикнати на конкуренција, ние од ден 1 сме со конкуренција. Тоа е нешто што ми се чини дека е една од двигателските сили на оваа професија е што многу конкурентна од секогаш. Македонија е мал пазар, но има квалитет и баш фактот што е мала дава можност за поголема флексибилност и за помали играчи да влезат во бизнисот да привлечат клиенти, така што конкуренцијата е жива. Ние можеме повеќе да дискутираме за македонската економија, па и појавата на нови компании од голема мера, па и нашиот бизнис многу зависи и од економијата и колку таа е здрава, со тоа колку компании имаат добар бизнис и им треба поддршка во бизнисот од нас.

Какви можности нуди Публицис за младите луѓе и кои работи се пресудни за еден млад човек да може да се вработи кај Вас? Што може да ни кажете за карактеристиките кои треба да ги поседува еден млад човек?

Ние имаме многу млади луѓе, а ние сме млади во духот дефинитивно. Ова е многу интересна професија која е многу динамична и која е под силно влијание од трендовите во технологијата. Бидејќи е работа за комуникација меѓу луѓето. Начинот на кој луѓето денес се движат, дружат комуницираат, купуваат е сосема променет од начинот како технологијата е инволвирана во се тоа и тоа не вклучува нас. Ние мораме постојано да учиме и да знаеме и да се трансформираме и да се разбираме. Во цел тој процес бараме луѓе со различни експертизи. Оваа работа вклучува многу млади луѓе. Комбинација на креативност, дисциплина, посветеност, желба да се направи нешто ново и интересно, секогаш сме расположени да примеме млади и амбициозни луѓе кои ја сакаат оваа работа кои се креативни. Креативноста за мене не е нешто само да дизајнирате туку и да најдете решение за одреден проблем, нешто што инволвира повеќе фактори. Тoа е креативност, тој е тој mindset, кој сакаме да го креираме. Секако ова звучи вака се убаво, но секогаш треба да си реален, се тоа е супер, но доаѓа во рамка со рокови, обврски, финансии, тимска работа што е многу важно. Секогаш се обидуваме да имaмe атмосфера која ги мотивира луѓето да дадат максимум и да творат. Секогаш постои заблуда дека тоа е многу убаво, да тоа е така, сретнувате многу луѓе, професионалци од различни бранши, уметници, пејачи тоа е многу интересно. Но, има една многу важна работа,  ние раководиме со брендовите на нашите клиенти. Во јадрото на бизнисот на нашиот клиент е брендот, дали се продава или не. Нашата креативност е секогаш со задна цел, доброто разбирање на нашиот клиент, кои се неговите потреби, како се поврзува со потрошувачите, е како ние тоа да го поврземе на еден возбудлив начин е тоа е нашата работа и креативност.

Минатата година бевте добитник на Орден на уметности и книжевност на Република Франција. За што точно станува збор и како успеавте да го добиете ова признание?

Jас бев изненадена. Не знаев дека француската амбасадорка ме предложила. Тоа е една посебна награда, која порано се доделува баш на уметници, но во последно време се доделува и на бизнис поединци кои се во тој сектор и работат на подобрување на уметноста. Ова е признание на инволвирање и придонес на македонската промоција на уметност и за француската култура во Македонија. Ние веќе години наназад работиме за нив, со наш придонес и претпоставувам дека препораките се од таму. Бев навистина изненадена и горда, Кога ќе го слушнам тоа, мислам дека недоволно ги прославуваме работите кога ќе ги добиеме, а се доста важни во животот.

Што сметате дека било клучно за успехот на Публицис Македонија? Кои ваши особини биле од посебна важност при градењето  на Публицис?

Hardworking, тоа е веројатно банално, но без тоа не може. Друго е компетитивност, и желба постојано да се направи повеќе од тоа што се очекува од вас и импламентација на тоа во агенциската култура. Можеби нешто од мене што сме го пренеле е агенциска култура и бирањето на луѓето со таа желба да се биде подобар од другите и за себе и за другите, односно да бидете задоволни со тоа што сте го постигнале. Ние поминуваме пола од нашето свесно време на работа, затоа мора да бидете задоволни со тоа што го работите. Негувањето на таква култура во самата агенција е клучно тоа е winning attitude, желба да се победи.

Што би им препорачале на младите луѓе кои тек сега го почнуваат својот живот?

Да инвестираат во себе и своето знаење, тоа е нешто што никој не може да го земе. Да веруваат во себе, исто така. Во нашата земја во последно време често ќе чуеме дека мора да сте нечие дете, да имате врски, некој да ве потбутне. Јас сум успеала сама, не само јас, многу други исто така. Вербата во себе и работа. Да верувате дека тоа што го имате во себе, некој ќе го забележи. Во интерес на другите е, на паметните луѓе им е во интерес да имаат паметни луѓе околу себе. Второ, со просечен напор се постигнуваат просечни резултати. Ако сакате да сте лидер и да сте подобри од другите, нема да го постигнете тоа со просечен и нормален ефорт, а тоа е најдобро кога сте млади, но ќе мора да жртвувате нешто. Инвестирајте во себе додека сте млади. Мене сосема ми е јасно дека животот сега е поразличен, младите сакаат да доживеат сега се во моментот. Тоа е во ред, но да се има визија за тоа каде човек сака да биде по одреден период.

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.