СПОДЕЛИ

Многу веб дизајнери се беспрекорни професионалци кои сакаат да го направат најдоброто за своите клиенти и да обезбедат одлична услуга. Таквите дизајнери со право се гордеат со сработеното и уживаат во она што го работат. Но, за несреќа, од другата страна на равенката има и поинакви веб дизајнери: веб дизајнери кои не се грижат за барањата на клиентите и следствено, не обезбедуваат добра услуга. Нивните стандарди се ниски.

И уште полошо, од перспектива на клиент, не може да знаете кој каков дизајнер е, сé додека не го ангажирате и работите со него одреден период. Тогаш, за жал, веќе е доцна да дознаете дали сте ангажирале некој со ниски стандарди.

1. Доцните со скицата/нацртот на веб сајтот

За вашиот клиент да почне да се сомнева дали требало да ве избере токму вас како негов веб дизајнер, доволно е да одолговлекувате со вашите модели кога ќе почнете со процесот на развој. Зачинете го тоа со оптимистички проценки дека проектот ќе биде готов за неколку недели.

Потоа, од убедување дека сте превозбуден со дизајнот на сајтот или редизајнот кој е во тек, оставете да поминат неколку недели пред да му пратите електронска порака со првите модели од новите измени на дизајнот, и за да додадете сол на раната, дајте си уште малку време откако клиентот ќе ви побара (а, сигурно ќе ви побара) мали измени на првичниот модел кој сте му го пратиле.

2. Ги менувате приоритетите во вашиот распоред

Сега, откако засадивте семе на сомнеж во главата на вашиот клиент, на добар пат сте да ве отпушти.

Ако проектот е договорено да трае и за време на празници, како Божиќ, задолжително занемарете го проектот за време на периодот на празници. На крајот на краиштата, вашите приоритети во сезоната на прослави треба да се исклучиво рекреација и дружење со пријателите и семејството. Не е проблем што клиентот веќе ви платил голем хонорар … кој меѓу другото одлично ви служи за празниците.

Потоа, откако можеби ќе почувствувате малку грижа на совест, испратете му на клиентот електронска порака со која ќе му ги зголемите надежите дека можеби, само можеби, ќе го завршите проектот до крајот на празниците. Се разбира, за да останете конзистентен во вашиот план да го полудите клиентот, прекршете го и ова ветување, кое и онака беше само лажна надеж!

3. Ја поставувате страницата на интернет со грешки

Кога мојот стар дизајнер ја имаше “конечната” верзија на мојот стар веб сајт, околу четири месеци по почнување на проектот, тој ми даде сајт со очигледни проблеми кои тој секако не ги забележал. А тоа е така, бидејќи воопшто и не му било грижа за сајтот. Ако само еднаш го прегледал сајтот, сигурно ќе ги забележел проблемите кои едноставно не може да останат незабележани, како:

  • расипани линкови;
  • слики со нееднакви рабови;
  • недостаток на прилагодлив дизајн.

Згора на сé, мојата електронска пошта, на мојата тогаш, нова URL воопшто не работеше, иако се договоривме дека негова работа ќе биде да ја прилагоди и постави.

До сега вашиот клиент целосно ќе е сигурен дека вие сте погрешниот дизајнер за соработка. Задоцнивте со проектот неколку пати, многу ги преминавте првичните проценки за времетраењето на проектот, не бевте достапен за комуникација, и како јаготка на шлагот, му презентиравте неприфатлив сајт на кој му се потребни значително важни поправки.

Сепак, почекајте! Ако мислите дека ова е најлошото што може да се случи, размислете уште еднаш. Има уште една конечна работа која може да се направи за да сте сигурни дека вашиот клиент ќе биде целосно избезумен од нервоза и нема никогаш да ве побара (да не ги споменувам негативните препораки за вас).

4. Одбивате да ги решите проблемите

Несомнено вашиот клиент е веќе лут, и најверојатно нема да ве побара за ништо повеќе. За да ја прелеете чашата во вашиот професионален однос со клиентот, едноставно никогаш повеќе не му одговарајте на електронските или телефонски пораки во кои од вас бара да си ги решите грешките во конечната верзија на сајтот на кој работевте. Навистина, не грижете се за фактот дека според договорот кој вие и вашиот клиент го потпишавте, како и електронските пораки кои ги пративте на почетокот, вие јасно се согласивте дека ќе ги завршите сите корекции. Во овој момент прокоцкајте сé!

5. Премногу ветувате, а потоа премалку испорачувате

Непотребно е да кажам дека откако мојот стар дизајнер конечно го заврши она за што беше исплатен однапред, никогаш повеќе немав намера да соработувам со него. Ги прекинав сите контакти непосредно по завршувањето на проектот и почнав да си барам нов веб дизајнер/развивач во 2014. За среќа, кон крајот на 2014, успеав да најдам еден многу талентиран и професионален дизајнер. Мојот моментален дизајн на сајтот е негово дело. Тој сé уште го одржува и ги прави сите неопходни ажурирања на сајтот за тој да одговара на SEO барањата кои се во постојан развој.

Кога гледам на овој кошмар, кој навистина го тестираше моето трпение, од оваа перспектива, може да кажам дека проблемот на мојот тогашен дизајнер беше тоа што премногу ветуваше, за да ме смири и да ме задржи на мамката, и потоа премалку испорачуваше. За да ви стане појасно, на стариот дизајнер му требаа четири месеци за да го редизајнира мојот сајт, додека на мојот нов дизајнер само неколку недели. Разликата помеѓу двајцата е во работната етика (т.е недостатокот од неа) и љубовта кон својата работа (или недостатокот од неа).

Како заклучок, ако сакате да ги испровоцирате вашите клиенти и да се “ослободите” од нив засекогаш, само следете ги чекорите на мојот стар дизајнер. Сигурен сум дека откако ова ќе го направите со неколку клиенти, вашиот бизнис нема уште долго да живее.

Ти се допадна овој напис?
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.