СПОДЕЛИ

Сакате да започнете сопствен бизнис? Или веќе го започнавте?

Луд ли сте? Ненормален? Ви испарил мозокот? Брзо, сé уште имате време! Излезете од тука! Трчајте! Спасете си го животот! Бегајте додека можете! Трчај Форест, трчај!

Мислам, навистина, дали сте сигурен дека ова е тоа што го сакате? Потребно ви е многу нерви и дебела кожа за да се изборите со битките кои доаѓаат, само за да преживеете, од ден во ден.

Подготвени ли сте? Се разбира дека сте подготвени, само си поигрувам со вас.? Вие сте родени за ова.

Мојот вовед е само делумно шега. Но, во секоја шега има дел вистина, а можеби и повеќе.

Добри вести? Вие сте еден од нас. Вие пливате наспроти струите. Вие не сте просечен. И ви се допаѓа кога сте чудакот во собата. Малку екцентрично. Делумно лудо. Подготвени за најсложеното, но и највредното поглавје во вашиот живот, така?

Добредојдовте од ‘другата’ страна. Сега сте дел од оние 1%.

Честитки!

Тукушто пристигнавте во искуството полно со исчекувања, трема и нервози, искуство кое само малкумина имаат храброст да го издржат. Нешто за што ‘предизвик’ е умерена дефиниција, а ‘храброста и цврстината’ добиваат нова димензија.

Не сте повеќе сигурен и на свое. Вие сте на луда железница, но едно е сигурно:

Ќе ви се исплати.

Сигурно ќе вреди за жртвите.

По 11 години на бојното поле, јас научив многу. Затоа сакам да споделам дел од моите воени загуби, и да ви пренесам дел од моето тешко стекнато знаење, за и вие да може да победите во оваа игра наречена бизнис.

Посакувам некој постар воин да ми ги дадеше овие совети пред 10 години…

Најдобро е да сте вооружен со совети (особено кога земате пари)

Јас расфрлав многу пари и не се гордеам со тоа. Кога само ќе помислам колку пари сум потрошил на нов печатач, работна маса и додатоци, софтвер, врвни компјутери, скапи наеми, итн.

Срам ми е да кажувам. Се чувствувам засрамено. Нервозно. Глупаво. И само си се тешам дека тоа е дел од лекциите кои морав да ги научам…на потешкиот начин. На мој начин.

Кога веќе ви го признав ова, очигледно е дека не сакам и вие да ја направите истата грешка.

Епа, да почнеме. Пенкалото во рака и…

1. Купувајте на старо

Купувајте користени работи! Ова важи за сé. Буквално сé! Печатачи, работни маси, столици, мебел, компјутери, фрижидери, маси…сé.

Купете машина за кафе на старо и не само што ќе заштедите по 60 денари од кафе, туку и ќе добиете попродуктивен тим кој нема да излегува неколку пати по 15 минути за да купи кафе. Добитна комбинација!

Овде во Австралија го имаме Gumtree и го обожувам. Супер пријател за ефтини работи. Ги имате и Craigslist и eBay, и претпоставувам некоја локална страница за Купи и Продај на Facebook.

Може да си заштедите стотици (ако не и илјадници) долари купувајќи користени продукти. Дополнително, многу е позабавно и покреативно. Мојот прв A3 печатач ме чинеше 8000 долари пред 7 години, а сега купив два  A3 по 800 долари.

Сериозно. Купувајте на старо и штедете си пари.

2. Внимавајте со режиските трошоци

Работете од дома колку што е можно подолго. Или останете мобилни и уживајте со лаптопот во рака.

Јас работев во куќата на моите родители во првите 6 месеци, а потоа се преселив во општински простор за ниска кирија. Одлично беше. Не само што имав можност да разговарам со други луѓе, туку и делењето на канцелариските давачки и заедничката инфраструктура ми заштеди многу пари.

Но, тогаш почнав со уметност на платно и ми тргна работата, па потпишав договор за закуп на огромен магацински простор и киријата ми се зголеми за 500% преку ноќ. Глупав, глупав човек…

Немојте да правите така. Сонувајте за големи нешта, но трошете само на она што може да си го дозволите. Бидете скромни и не скокајте со преголеми скокови, затоа што вашите режиски трошоци ќе ве надмудрат, и премногу ќе ви го оптеретат буџетот, како кај мене.

3. Договарајте работници само по потреба

Вклучете дополнителна работна помош само по потреба. Па и ако станува збор за по три часа месечно. Независно дали ви треба стручњак, хонорарец, советник, автор на текстови.. работете исклучиво по договор на часови. Има логика.

Се грижев кога требаше да го ангажирам првиот вработен, па го ставив на договор со по 20 часа работа неделно.

Тоа беше пред 10 гоини, но лекцијата е иста. Овој модел го употребив во повеќе ситуации и ви го препорачувам.

4. Искористете го глобалниот талент

Сега, светот е мал. На времето (ова звучи многу старо) немавме толку лесен пристап до талените ширум светот. Да, имавме електронска пошта, но не беше лесно да се наоѓаат луѓе за работа на проекти, барем не онолку колку што е сега.

Сега имаме тим на Филипини кој постојано се зголемува. Успеав да делегирам многу од моите задачи на тимот, како администрација, социјални медиуми, истражување, SEO, пишување содржина за веб сајтови, и уште многу други работи.

Имам ангажирано луѓе од страна за лого проекти. Моите двајца веб дизанери не сакаат да работат на тоа, па ангажирав луѓе од странство. И моите дизајнери беа среќни, а и јас си заштедив пари.

Бидете креативни. Не плашете се да го ангажирате вашиот прв виртуелен помошник. Времето е пари… а тоа ме води до следниот совет:

5. Ценете го вашете време. Времето е пари

Ако сте ја прочитале мојата e-Книга, најверојатно веќе знаете дека јас престанав да одам на состаноци лице во лице. Тоа ми одзема по 2 дена неделно од распоредот, па ако одиме со логиката дека час ме чини 200 долари, вака заштедувам 3200  долари неделно. Неделно!

Значи, не одете на состаноци! Тие само ви го трошат времето и … парите.

Би било добро да инвестирате во софтвер за следење на времето. Има многу такви алатки на интернет, а некои, како Harvest, може да му одговараат на вашето фактурирање.

Запомнете, најдобро е вашето време да го трошите на работа на задачи кои се високо вреднувани и кои може да ви генерираат повеќе пари за вашиот бизнис.

Ако трчате наваму-натаму, и никако не успевате да седнете, обидете се со RescueTime. Тие ќе ве вратат на вашето место. Или само убијте го Facebook. И тоа може да ви заврши работа. 🙂

6. Употребувајте Saas и open source софтвер

Толку многу пари трошев на софтвер, што уште ме боли. Се сеќавам пред неколку години морав да земам заем кога се проширував, само за да платам за Adobe комплет за мојот тим и мене. Мислам дека позајмив 12.000 долари. Сега може да купите верзија во облак за само 49 долари месечно. Одлично. Тоа е тоа што треба да го направите. Јас така правам за целиот тим, што добро се одразува на нашиот буџет за софтвер.

Еднаш земав 10.000 долари за да инвестирам во CRM софтвер, наречен Streamtime. Сега имаат и Saas модел, за кој би сакал да можев да знам тогаш. Искрено, одете со ниски месечни исплати преку претплата наместо да купувате и плаќате однапред. Така, секогаш ќе имате можност да се предомислите кога платформата нема повеќе да одговара на вашите потреби.

А, Microsoft Office и Outlook? Не. Само Google Apps и Gmail. Може да си прилагодите деловна Gmail корисничка сметка за само 5 долари месечно, по корисник. Gmail и Google Apps се најдобри. Целосно ви препорачувам да употребувате бесплатен open-source софтвер секогаш кога тоа е изводливо.

7. Ценкајте се

Отсекогаш ми било непријатно да се ценкам, навистина. Ми беше премногу срам. Не сакав да изгледам како да не можам да си дозволам нешто. Ниту да изгледам како циција.

Но, сега е поинаку. Сега, секогаш прашувам “Дали е ова вашата најдобра цена?” и најчесто, си заштедувам пари. Ова го правам за сите работи, и оние личните.

Имајте навика да си прашате за попуст во случај на плаќање однапред. Ставете си белешка дека треба да одите кај секој од вашите редовни добавувачи на секои 6-9 месеци за да побарате 10-30% попуст. Дури и ако само неколку од нив прифатат, имате корист. Бидете цврсти бидејќи луѓето обично даваат попуст само ако мислат дека може да ве изгубат како клиент.

Секогаш преговарам и се ценкам (и понекогаш се заканувам дека ќе ги напуштам) со банките, хостинг услугите, центрите за податоци, телефонските компании, комерцијалистите за да добијам подобри услови. Исплатите и сметките кои денес ги плаќам се за 1% пониски, а тоа прави голема разлика во обртот на средства кој го имам секој месец. Затоа вреди да научите да се ценкате секогаш кога треба да купувате.
Пред да се вратиме во бојното поле, уште неколку мали мудрости:

  • Навистина мора да имате солиден буџет. (Уште една грешка која јас ја направив на почетокот!)
  • Мора да управувате со вашиот прилив на пари на дневна основа.
  • Постојано мора да ги анализирате трошоците– најмалку квартално.
  • Мора да имате увид во секој денар.
  • Мора да ги цените парите и да ги ставите на сметка. (Мислам посебни сметки за сé)
  • И повеќе од сигурно, 100% МОРА да сте штедлив.

Сега одете и освојте го светот, мои воини. Одете вооружени како што ве учев. Ќе бидете одлични. Ќе се справите со сé што ќе ви застане на патот, па дури и падовите и подемите во приливот на кеш. (Не велете дека не сум ве предупредил.)

Бидете паметни со своите пари. И запомнете, што и да се случи, требало да се случи. Во моментот ќе ви нема логика, но подоцна ќе сфатите. Верувајте ми.

Автор: Бјанка Борд

Ти се допадна овој напис?
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.