СПОДЕЛИ

Работењето на проекти како фриленсер паралелно со вашата редовна работа, иако вреди за хонорарот кој ќе го земете, знае да биде исцрпувачко искуство.

Накратко размислете за двата предизвика со кои повеќето од нас се соочуваат во денешната економска ситуација: 1) несигурно работно место, 2) недоволно финансиски средства. Токму овие два предизвика се причината поради која дури и постојано вработените работат хонорарно во слободно време. Зголемувајќи ја вашата месечна плата со дополнителна хонорарна работа, не само што може да си заработите за пристојно живеење, туку и имате помалку грижи кога станува збор за сметки.

Прашањето е како да се справите со двете работи, редовната и хонорарната. Некои луѓе се впуштаат во светот на хонорците без соодветно планирање и подоцна сфаќаат дека немаат идеја што и како понатаму. Одложуваат, не успеваат да ја завршат работата, предаваат лошо завршени проекти или не успеваат да ја завршат работата во рокот специфициран во договорот.

Сите овие проблеми водат до несакани расправии со клиентите и оставаат негативен впечаток кај нив. Еве еден практичен план со кој ќе успеете ефикасно да се справите со работните обврски.

1. Организацијата на времето е клучна

Иако идејата за хонорарна работа изгледа навистина разумно, не е лесно. Ако прашате дизајнер, писател или друг хонорарец за нивното искуство, секој од нив ќе ви одговори дека е буквално невозможно – ајде, да речеме не е невозможно, но многу тешко, ефикасно да се справите со сè. Доколку не успеете да го организирате времето, може сè да се искомплицира.

На пример, може ќе успеете да одложите за еден ден со оправдување дека сте “заглавиле со некоја друштвена обврска“, но тоа ќе значи дека утре ќе имате двојно повеќе работа.

Без работен распоред кој ќе го следите и проценка на потребното време за останатите задачи, нема да знаете кога да започнете да работите за да ја завршите дополнителната работа која треба да се заврши во тој ден. Работата ќе се пренесе за следниот ден, па за тој по него, и тој потоа, итн, со што ќе си ја намалите продуктивноста, а ќе си го зголемите стресот.

Што може да направите?

Направете реален план и придржувајте се до него. Под план, мислам на одреден распоред. На пр. ми треба време да ги наполнам батериите и да го надминам уморот од работа, па затоа почнувам со хонорарната работа околу 21 часот и после континуирано работење од 3 часа (со една до две паузи од по 5-10 минути) го завршувам најголемиот дел од работата кој го имам за тој ден.

Откријте кое време од денот најмногу ви одговара и бидете прецизни со времето кога почнувате, а кога завршувате со работа и колку паузи ви требаат. Следете го планот без отстапувања и нема да имате проблем ни со постојаната, нити со хонорарната работа.

2. Бидете Offline

Многу луѓе едноставно не можат без интернетот, особено социјалните мрежи. Кога работите од дома, слободни сте да правите што сакате, кога сакате и колку долго сакате. За разлика од вашата канцелариска работа каде имате одредени ограничувања и обврска да ја завршите работата на време, кога сте дома ништо не ве ограничува при сурфањето, и токму затоа може да потрошите премногу време на социјалните мрежи или други веб страници.

Од некоја чудна причина, луѓето, кои се свесни за фактот дека времето поминато на вакви дополнителни активности може само негативно да влијае на нивната работа и продуктивност, сепак избираат да го прават тоа. Можеби причината е досада или потреба од промена, но без разлика на причината, обидете се да поставите граница.

Што може да направите?

  1. Направете го вашето истражување
  2. Зачувајте се што е релевантно за вашиот проект
  3. Исклучете се од интернет

Може да се обидете и со апликациите кои ви помагаат да се ослободите од страниците за забава, а кои се многу популарни во последно време. Доколку сте зависник од социјалните мрежи, обидете се со Anti-Social апликацијата која блокира 30 страници од социјалната мрежа, вклучувајќи ги Facebook, Hulu, Twitter, Tumblr, Pinterest и др. Limitless, Stay Focus, Focus booster, Concentrate, и LeechBlock се исто така одлични апликации со кои може  да ја следите својата продуктивност и да ги минимизирате работите кои ви го одвлекуваат вниманието додека работите.

3. Не земајте повеќе работа отколку што може да сработите

Добро, можеби се согласувате на дополнителна работа бидејќи ви требаат пари, но запомнете, не загризувајте повеќе отколку што може да изџвакате. Доколку земете повеќе работни обврски отколку што реално може да завршите, нема да може да бидете фер кон она кое веќе го имате. Како резултат, ќе се чувствувате исцрпено.

Неопходно е да имате реални очекувања кога прифаќате работа. Запомнете, веќе имате доволно обврски со вашата постојана работа, сметките и сличните обврски. Прекумерната работа е иста како и преполна чинија, откако ќе го наполните стомакот, храната која ќе остане е залудно потрошена.

Што може да направите?

Гледајте на вашиот ментален и физички напор како на ваш апетит.Доколку може да работите само три часа навечер, имајте го тоа на ум пред да прифатите проекти кои ќе бараат повеќе време отколку што може да им посветите.

Нема ништо лошо доколку одвреме навреме им речете не на вашите клиенти. Ако им кажете дека вашиот распоред не ви дозволува да ја прифатите работата, верувам дека ќе ве разберат. Подобро е да си ги знаете границите, отколку да прифаќате повеќе работа од она што реално може да го сработите.

4. Комуницирајте преку електронска пошта

Иако комуникацијата по телефон е многу поефикасна, понекогаш е подобро да комуницирате со вашите клиенти преку електронска пошта. Зошто е подобро? Затоа што ќе може да си заштедите време.

По мое мислење, електронската пошта или инстант пораките се полесна, побрза и поефикасна форма на комуникација. Дополнително, имате историја за да си ја проверите комуникацијата наназад кога било кој од вас ќе се противи на нешто што било дискутирано. Доказ, црно на бело, е секогаш поубедлив од сеќавање кој што рекол.

Исто така, нема да мора да чекате клиентот да е слободен, особено кога станува збор за различни временски зони.

Што може да направите?

Побарајте од клиентот да ви прати електронска порака доколку има прашања или има потреба од појаснувања на некоја идеја, скица или нацрт, или едноствно доколку сака да даде фидбек.

Можеби би било добро да научите како подобро да го организирате вашето сандаче за пошта и да си заштедите време, не морајќи да пребарувате низи од пораки за да го најдете она што ви треба од пред неколку денови или месеци.

5. Работете преку викендите

За време на студентскиот живот, најмногу од времето во работните денови ви го одземале целодневните часови настава, патувањето и другите обврски, и затоа ви останувале само викендите за да работите на најтешките проекти и задачи. Слично е и сега. Вашата работа од 09-17 ви одзема голем дел од денот во текот на работната недела, па викендот е секогаш добредојден. Викендот ви дава многу време за да ги завршите хонорарните обврски, и никој освен вашите клиенти, нема да ја очекува вашата работа.

Што може да направите?

И вие може да ги оставите најсложените и најважните  проекти за во викендите кога ќе може да работите и наутро (обично тогаш сите сме одморени и свежи).

Доколку се грижите дека нема да имате социјален живот, тогаш гледајте вака на работата: или дополнителен приход или неколку часа плус за дружење. Што повеќе сакате?

Заклучок

Покрај тоа што може да заработите повеќе, хонорарната работа ви овозможува да научите нови работи и да стекнете знаење за повеќе области. Се разбира дека треба напорна работа и многу труд за да изградите успешна кариера како хонорарец и дека може да исцрпувачко и да бара многу од вашето слободно време, но знаете ли што е најдобро во сево ова? Парите што ќе ви ги донесе хонорарниот проект.

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.