СПОДЕЛИ
Добредојдовте во вториот дел од нашата серија Како да станете веб развивач! Ако сега ни се придружувате, може да го погледнете и нашиот воведен текст. Во спротивно, продолжете да читате за да ги откриете некои од неопходните вештини кои мора да ги имате за да бидете веб развивач.

Што е веб развој?

Ако сакате да станете веб развивач, прво мора да разберете што е тоа веб развој. Имено, тоа е термин кој се употребува со многу широко значење и често дефиницијата на еден човек за веб развојот се разликува од дефиницијата на некој друг.

Општо земено, веб развојот значи работење на техничките аспекти од еден веб сајт. Еден веб дизајнер го менува визуелниот дизајн и распоред на веб страницата, а еден веб развивач го зема тој дизајн и го претвора од статички во целосно функционален веб сајт кој е на интернет и на располагање на светот.

Важно е да споменам дека многу веб дизајнери се и веб развивачи и го градат веб сајтот кој го дизајнираат. Термините не може да се употребуваат наизменично, но не се исклучуваат меѓу себе.

До сега, дефиницијата е стандардна, но станува покомплексна во однос на специфичните технологии кои се употребуваат за да се заврши техничкиот аспект на еден веб сајт. Некои веб развивачи тврдат дека не сте вистински развивач ако го немате совладано овој или оној јазик, но таквата поделба е неоснована и некорисна. Ако се фокусирате на учење нови програмерски вештини, и ги усовршувате оние кои веќе ги поседувате, вие сте вистински веб развивач.

Било што што правите за да помогнете една страница да почне да работи (а, не е насочено директно, и само кон нејзиниот дизајн) може да се дефинира како веб равој за практична цел. Тоа вклучува сé, од наједноставно вметнување на содржина во страницата, до комплексни проекти, како креирање на WordPress теми од почеток.

Задолжително знаење од програмирање

HTML и CSS се основните блокови за градење во веб развојот, па затоа е важно да имате знаење од нив, и тоа добро. За да бидете успешен развивач, најверојатно ќе мора да знаете и повеќе технологии од овие (за тоа потоа), но најмалку што мора да знаете е да креирате сопствен HTML и CSS. Исто така, важно е и да разберете како овие две технологии работат заедно: HTML ја поставува структурата на страницата, а CSS го менува начинот на кој таа изгледа.

Имајте на ум дека на почетокот е сосема во ред да имате потреба од помош, и да погледнете како нештото се прави додека работите. Кога работам со формулари и влез на податоци во HTML, често ми се случува да побарам некоја референца за да се сетам како се програмира даден елемент. Иако сте во голема предност кога можете да креирате веб страница со HTML и CSS сами и без потсетување, сепак таа способност не е основен предуслов за да започнете.

Повеќе од основните вештини

Може да ги замислите HTML и CSS како суровини во веб развојот. Секој почнува со нив, но постојат многу различни употреби и методи со кои тие се манипулираат. Како што сите столари започнуваат со дрво, а потоа употребуваат различни алатки и техники за да дојдат до беспрекорното дело кое го создаваат, така и за веб развивачите HTML и CSS се почетокот.

Како и што веќе споменав, единствените вештини кои треба да ги имате совладно се оние кои ќе ви овозможат да ги задоволите потребите на вашите клиенти. Тоа скоро секогаш вклучува HTML и CSS, но како ќе се движите нанапред, така и ќе мора да ги земете во предвид клиентите за кои работите и апликацијата, или веб сајтот кој го креирате. Малку подетално ќе позборуваме за ова во следните текстови, но еве неколку примери за она за што треба да размислите:

  • Ако креирате продавница на интернет за некој дизајнер на накит, ќе мора да имате познавање од некоја платформа за е-тргување.
  • Ако вашиот клиент сака прилагодлив веб сајт (кој се прилагодува на различните екрани и резолуции на уредите, како на пр. iPhone), треба да ги научите медиа прашалниците.
  • Ако одличите дека примарно би работеле на WordPress сајтови, тогаш вашите цели би биле да научите како да изградите WordPress теми и да стекнете знаење од  PHP (јазикот кој стои зад WordPress).

Кога одлучувате што да научите следно, фокусирајте се на вештините кои ви се неопходни за да изградите одредени типови на веб сајтови, според потребите на вашите идеални клиенти.

Станете одличен истражувач

Една многу важна вештина е способноста да истражувате и да наоѓате издржани информации за јазикот во кој програмирате. Не мора да ги научите јазиците на памет, но мора да знаете каде може да ги најдете информациите кои не ги знаете.

За секој јазик со кој работите треба да имате веродостојни ресурси и прирачници. На пример, едно добро упатсво, како почетна точка за прашања поврзани со HTML, CSS или JavaScript, е Mozilla Developer Network. Ако работите со PHP, би сакале да го имате обележано PHP прирачникот. На прв поглед овие прирачници може да ви се чинат обемни и неразбирливи заради нивната техничка природа, но ако подетално ги разгледате, ќе се изненадите колку многу од материјалот во нив веќе го разбирате.

Често, добро пребарување на Google може да ве доведе до одговорот побрзо отколку одењето низ прирачникот. На пример, да замислиме дека прилагодувате WordPress тема и сакате да поставите widget на дел од страницата на места каде темата не дозволува  такво нешто. Ако почнете да пребарувате со клучна фраза “add widgets” (или додај widget-и) ќе добиете многу ресурси за тоа како да додадете widget-и во области на страниците во кои тоа е овозможено. И ова не е она што вие го барате, бидејќи на вашата тема и недостасуваат таквите области. Но! Барем добивате вокабулар со кој може да работите. Од тука па натаму пребарувате со нова фраза “add widgetable area” (или додај област која поддржува widget-и). Ако го направите ова пребарување ќе ве доведе до текстови за “регистрирање на странични ленти” а тоа е токму она што ви е потребно.

Со тек на времето ќе станувате сé подобар во составување на прашалници за пребарување и многу побрзо ќе успевате да дојдете до решението. Во меѓувреме не се предавајте! Најубавата работа во тоа да сте развивач е тоа што целото знаење и сите одговори ви се на дофат, само треба да ги најдете.

Како заклучок

  • Секој веб развивач мора да започне со HTML и CSS.
  • Од таму мора да ги идентификува јазиците кои му се потребни за да ги постигне целите на типот на проекти кои сака да ги гради.
  • Не мора да ги знае сите одговори, затоа постои Google.

Не чека долг пат, но барем се надевам дека имате појасна слика за основните вештини кои треба да ги имате, и што е поважно, вештините кои не треба да ги имате за да станете успешен веб развивач.


Следно:

Дел 3: Технички вештини кои не се поврзани со програмирањето
Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.