Сиот мој живот мечтаев да патувам.
Сакав да посетувам далечни земји, да доживувам нови култури и да правам нешто неконвенционално во мојот живот. Сепак, отсекогаш мислев дека патувањата ќе дојдат подоцна во животот, во некоја иднина, во некој ден кога ќе станам богат и ќе можам да си го дозволам тоа. Денес, овој пост ви го пишувам од Шпанија, од едно мало гратче надвор од Барселона, на само 12 часа лет до Париз. Франција ќе биде 13-тата земја која ќе ја имам посетено оваа година.
Не сум ненормално богат, ниту ги трошам кредитните картички на моите родители.
Наместо тоа, јас изградив хонорарна кариера која ми дозволува да работам на далечина и да патувам.
Зачеток на една нова ера
На почеток сме на една нова ера. Ера на дигитални номади и работници на далечина.
- Во годините, алатките како Skype, Dropbox и електронски пораки стануваа поприфатени од пошироките маси.
- Пред неколку години, интернетот беше неверојатно спор и тешко беше да дојдете до него во странство.
- Порано, живеевме во сосема поинаков свет.
Технологијата ни даде нова можност, можност да работиме од секаде.
За прв пат во исторјата, нашиот приход не зависи од местото каде сме лоцирани. Оваа промена во начинот на кој може да ја работиме нашата работа, ни нуди можност целосно да го смениме концептот на живеење.
Придобивките од работењето на далечина
Можеби вие сакате да го пропатувате светот, или сакате да работите од дома и да поминувате повеќе време со децата.
Независно кои се вашите мотиви, можноста да работите на далечина може драстично да го подобри квалитетот на вашиот живот. Работењето на далечина значи:
- Помалку време потрошено во патување до работа и назад, или по состаноци со клиенти.
- Повеќе време за она што ви е важно вам.
- Дека може да патувате во далечни земји и да земате продолжени одмори.
- Слобода која може да ја искористите според вашите желби и потреби.
Како да работите на далечина
Лесно е да го искомплицирате работењето на далечина, но реално тоа е навистина многу едноставно. За да работите на далечина, потребни ви се две работи:
- Можност да креирате вредност без да бидете физички присутен кај вашиот клиент.
- Можност да најдете нови клиенти без да се потпирате на работа со директен контакт со луѓе.
Ако може да ги направите овие две работи, тоа значи и дека може да изградите кариера на хонорарец која ќе ви дозволи да работите од каде сакате.
Како да креирате вредност без да сте физички присутни
Ова зависи од вештините и услугите кои ги нудите.
Некои вештини како графички дизајн, веб дизајн, развој, видео уредување, консултација, итн. се вештини кои не бараат директен контакт очи во очи. Сето ова може да се работи од секаде.
Од друга страна, има вештини кои не можат да ви дозволат работа на далечина. На пр. фотографија, видеографија, шминкери, дизајнери на настан, итн. бидејќи за сето ова локацијата е пресудна.
Што да правите ако вештината која ја поседувате не ви дозволува работа од далечина?
Или стиснете заби и продолжите, или соберете храброст и научете нешто ново.
Јас бев камерман во претходниот живот, но, кога се навлеков на идејата дека сакам да патувам, знаев дека мора да сменам нешто. Се запишав на курсеви на интернет и научив како да станам веб дизајнер. Процесот е ист, само вештините се различни.
Ова бараше да почнам од нула во секој поглед. Сепак, слободата која ја добив вреди за секоја жртва.
Како да најдете нови клиенти без да се потпирате на работа со директен контакт
Многумина се плашат токму од ова.
И јас се плашев, особено затоа што тоа беше начинот на кој јас доаѓав до работа. Но, вистината е дека директниот контакт е само еден од начините да се активирате на пазарот како хонорарец.
Некои од методите кои се употребуваат за да се најдат клиенти на далечина, без физички да присуствувате на лице место, вие веќе и ги употребувате.
Подолу се само неколку од маркетинг методите кои може да ги употребите за да добиете клиенти без да сте физички присутен:
- директни е-mail пораки (Cold e-mailing)
- веб сајтови со листи на работни места како oDesk и eLance
- да одржувате контакти со колегите и пријателите од минатото
- социјални медиуми
- барање препораки
- Online работна мрежа на форуми и индустриски групи
- блогирање / маркетинг на содржина, партнерства со агенции или други креативни професионалци
Кога работите на далечина, вие го инвестирате времето кое некогаш сте го имале на настани со директно присуство и се фокусирате на дополнително време во други маркетинг канали.
Потребно е време, и треба да се научат нови методи за рекламирање, но она што го добивате за возврат вреди.
Како да го направите целиот пресврт
Почнете со мали чекори. Почнете така што ќе направите канцеларија дома и ќе почнете да работите од таму.
Со ова ќе добиете подобра претстава како е кога се работи на далечина.
Ако сé уште треба лично да посетувате настани или состаноци, таа опција ќе ви е отворена. Потоа, полека стекнувајте навика да избегнувате такви собири. Почнете поретко да патувате за да завршите работа, за да може да се запознаете со вистинското чувство на работа од далечина.
Кога ќе почувствувате дека сте спремни, само скокнете.
Јас, кога го најдов првиот клиент со кој не мораше лично да се запознаам, знаев дека тоа е тој момент и не се свртев назад.
Купив карта во еден правец за Мексико, за мене и мојата девојка. Следните четири месеци ги поминавме на плажа пиејќи маргарити. Во тие четири месеци јас полека градев база на клиенти за мојата кариера како хонорарец.
Почнете онаму каде што е ефтино
Зошто Мексико? Ако планирате да работите на далечина и да патувате, почнете од онаму каде што трошоците за живот се помали.
Со тоа што отидовме во Мексико, ние ги намаливме трошоците за две-третини, што значеше дека јас треба да направам помалку продажби и дека имам повеќе време да инвестирам во маркетинг, учење и градење на мојот бизнис.
Ако почнете некаде каде што е поефтина, транзицијата кон живот на дигитален номад ќе ви биде полесна.
Заклучок
Работата на далечина е целосно нова привилегија и е многу поедноставно од она што повеќето го замислуваат. Запомнете само две работи:
- Можноста да креирате нешто вредно, а да не сте физички присутни.
- Можноста да најдете клиенти и без да имате личен контакт (очи во очи) со нив.
Ако знаете да ги искористите овие две работи, вие сте на добар пат кон слободата која само работењето на далечина може да ви ја обезбеди.
За некои, тоа значи повеќе време дома со децата, повеќе време за да се грижат за некој постар член од фамилијата или едноставно, релаксиран, исполнет живот без стрес. За мене пак, значи 13 земји во една година и искуства кои никогаш нема да ги заборавам.
Како ќе ја искористите слободата која ви се нуди, зависи само од вас.
Автор: Jake Jorgovan
Via Milo.co