СПОДЕЛИ

Секој хонорарец чул најмалку една од овие реченици од некој од своите клиенти: “сега немам пари, ама ќе има во иднина”, “помогни ми да го започнам бизнисот, па ќе има работа и за двајцата во иднина”, или “кога ќе ми тргне работата, ќе наплатуваш повисок хонорар и ќе си ги надокнадиш загубените пари”.

Овие ветувања се лага! Секој бизнис има пари. Трикот е да земете дел од парите за вас. Еве неколку корисни начини на кои може креативно да си наплатите, и да го претворите скржавиот клиент во одличен соработник… кој ви ги исплаќа фактурите!

НОВ КЛИЕНТ ИЛИ УШТЕ ЕДЕН СКРЖАВЕЦ?

Одлично кај бизнисите кои бараат бесплатна работа е тоа што тие обично не сфаќаат, дека, на крајот, немаат авторски права врз работата која вие сте ја креирале за нив. Бесплатната работа, по која следат прекршени ветувања, може да доведе до законска постапка за наплата за правата кои тие никогаш и ги немале откупено.

Ова, се разбира дека не е добар начин да работите и да ја водите кариетата, но важно е дека имате отворени можности. Ако ве изиграле во минатото, и ако не сте ги предале авторските права, ја имате и оваа опција. Писмо со кое го предупредувате клиентот дека употребува материјал кој подлежи на авторски права, може да го растрча вашиот клиент, но тоа не значи и дека ќе го добите нивниот паричник.

Најдобро е да поставите основни правила уште на почетокот. Прво, најверојатно не би го исмејале клиентот во лице затоа што ви понудил да работите за него без пари, бидејќи вие и би работеле за него… само кога би платил некако!

Постои  веројатност дека и тие сакаат да работите за нив, исто онолку колку што сакате и вие. Во спротивно не би ризикувале да ве лажат. Сериозно, тие гледаат дека го имате талентот кој им е потребен и го сакаат, и го почитуваат дизајнот до толку да не ангажираат студент – иако може истото да го употребат како закана при преговарањето со вас.

Вие сте во подобра позиција во преговорите, бидејќи немате што да изгубите ако одбиете да работите за нив без надокнада. Единствено нешто што ви е потребно е храброст и знаење како да преговарате и да дојдете до прифатливо решение за двете страни.

ВИСТИНСКИ НАЧИНИ ЗА ДА СИ НАПЛАТИТЕ

Ќе знаете дали идниот клиент е скржав, или навистина нема пари за дизајн, уште во првите неколку минути од вашиот состанок. Ако е скржав тој ќе ви каже зошто треба да работите без надокнада. Сé што вие ќе кажете во ваша одбрана, како мислење дека заслужувате да ви биде наплатена услугата, ќе резултира во една од следниве реакции:

  1. Закана дека ќе ангажира студент по уметност кој ќе му работи бесплатно, и на тој начин ќе ве прекине во разговорот за можностите за плаќање, или:
  2. Ќе биде заинтересиран за она што го зборувате бидејќи ве цени како хонорарец и никогаш нема размислувано за други начини на кои би можел да ви го исплати хонорарот за вашата работа.

Има начини на кои може да ризикувате со клиентот, но мора да сте сигурни дека тие ќе ви обезбедат наплата, независно дали преку компензација, инвестиција или одложено плаќање. Компензацијата во некои случаи може да е незаконска, бидејќи таа подлежи на данок, а тешко се следи од Управа за јавни приходи.

1) Компензација

Компензацијата за хонорарот може да вклучува:

  1. Размена на работа за канцелариски простор. Ова е многу често. Многу хонорарци сакаат официјален работен простор во кој има конференциска сала, секретар, подобра адреса за попрофесионален изглед и луѓе околу нив. (На тој начин не носат бањарка шест дена по ред, и престануваат да зборуваат самите со себе, како да се единствениот човек на светов кој преживеал апокалипса).
  2. Размена за стока, како намирници, канцелариски материјали, опрема, или што и да е продуктот на компанијата за која работите.
  3. Работа за “изложеност” е една од лагите која ја кажуваат многу клиенти, кои сакаат да искористат бесплатна работа. Да, ако Disney ви ветува публицитет, звучи примамливо (иако, да се разбереме, тие имаат пари за дизајн), но и малите бизниси, блогови и веб сајтови може да ви послужат и да ви дозволат да ставите линк до вашиот професионален веб сајт. Сепак, мора да измерите колку публицитет добивате наспроти тоа колку работа треба да завршите.
  4. Целосна креативна контрола. Ако сте очајни и имате потреба од одлични работи кои би ги прикажале во вашето портфолио, комплетната креативна контрола ќе ви даде подобар професионален примерок, отколку да мора да ги занемарите вашите способности, само заради тоа што вашиот клиент инсистира на портокалов фонт врз сина позадина. Се разбира дека ова не звучи логично, особено не за да сакате да работите без надокнада, но ако веќе сте во тесно, ова е последна можна понуда за вие да работите, а тие да добијат бесплатно завршена работа.

Проблемот е што компензацијата е размена на услуги или стока кои чинат пари, па затоа мора да се пријават како приход кој се оданочува. Ако правите размена на услуги за неколку илјади денари, законски е да ги пријавите компензациите како личен приход, за кој ќе платите персонален данок. Сепак, ако ги добиете по големопродажна цена ќе имате заработка и покрај обврската за данок.

2) Инвестиција

Инвестициски кредит и процент од компанијата:Ако преговарате за илјадници денари кои треба да ви се исплатат за дизајнот кој сте го креирале за некоја стартап компанија, може да побарате процент од компанијата, исто како да сте некој кој инвестирал финансиски во компанијата. Иако ова сценарио скоро никогаш не успева, дури и со клиентите со најдобри намери, сепак може да се случи, особено, ако клиентот е мудар и свесен дека има огромна потреба од вашата работа и знае дека вие сте искусен и компетентен професионалец.Ако ова се случи, ќе мора да ангажирате правник (а, и тој не работи бесплатно) за да сте сигурни дека:

  1. Вие законски сте партнер.
  2. Вие имате пристап до записите на компанијата и го добивате точниот процент кој треба да ви се исплати.
  3. Вам не може да ви го откупат процентот за малку пари.
  4. Имате ограничена одговорност, и не сте единствениот партнер кој би бил тужен ако стартап компанијата пропадне.

Како и со секоја инвестиција, шансите за неуспех постојат. Меѓутоа, само замислете се себе си како дел од компанија во раст, како партнер, дури и со  мал процент од добивката. Може да станете  “креативен директор” и да си обезбедите правец во кариерата кој ќе ве однесе повисоко и финансиски ќе ви се исплати.

3) Одложено плаќање

Одложеното плаќање ќе ви обезбеди законски начин на кој ќе може да си го добиете заслуженото во иднина. Ова може да вклучува:

  1. Фактурирање на цел хонорар, но давање рок на плаќање од неколку месеци.
  2. Фактурирање на цел хонорар, со исплати на рати распределени на подолг период.
  3. Фактурирање на цел хонорар, со намера неплатениот хонорар да го прикажете како пријавување на загуба за даночно олеснување. Ова ќе мора да го проверите со сметководител, особено околу сумата која смеете законски да ја прикажете. И запоменете, сметководителите, а и правниците, не сакаат да работат бесплатно или со одложено плаќање.

Одложеното плаќање мора да е врзано со договор кој ќе спречи доцнење на уплати, нивно прескокнување или неизвршување. Договорот мора да вклучува и камата, и посебна клаузула во која клиентот се согласува да ги плати сите законски трошоци во случај договорот за одложено плаќање да се прекрши.

Заклучок

Нормално е дека исплатата која е навремена и целосна е идеално решение, но за жал, во светот на хонорарците, понекогаш мора да донесувате брзи одлуки кога пред вас имате можност која наизглед ви личи на измама, а во суштина е вистинска деловна трансакција….како и што ви ветил клиентот. Но, подалеку од приказни за “богати пријатели”, “публицитет кој не држи вода”, или евентуални “многу пари во иднина”… барем не без претходно потпишан договор! 

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.