Бројот на неверојатни типографски писма сé повеќе расте, и секој ден се појавуваат нови. Лесно може да да го изберете омилениот фонт за да работите со него, но потешко е да ја совладате уметноста на ефикасно комбинирање на типографските писма.
Кога работите со парови, има три вида на врски помеѓу писмата според кои треба да се водите низ процесот на комбинирање и правење парови:
- Усогласеност: Целиот текст во дизајнот ви е сличен. Обично се однесува на употреба на едно типографско писмо во повеќе фонтови на страницата.
- Контраст: Две или повеќе писма кои се меѓусебно различни, но добро функционираат заедно.
- Конфликт: Две писма кои се премногу слични едно со друго за да функционираат како засебни.
Основното правило е да се обидете да постигнете усогласени или контрастни текстови, а да ги избегнувате оние кои се во конфликст. Подолу, детално ќе ги разгледаме трите концепти, во сет на правила кои лесно се следат, за да ви помогнеме да изберете парови на типографски писма.
1. Усогласеност
Ова е наједноставниот начин на комбинирање фонтови, бидејќи сé што треба да направите е да постигнете единство на еден одличен фонт со неколку различни стилови.
Liberation е корисна супер фамилија (Слика од Метју Виби преку Unsplash)
Прво треба да ја изберете супер фамилијата. Супер фамилија е типографско писмо со повеќе варијанти, кои припаѓаат во различни категории на стил. Има илјадници класификации, но најчесто се поделени во четири пошироки категории, под кои има огромен број на подкатегории:
- Serif: Garamond, Minion Pro, Chaparral
- Подкатегории: Old Style, Modern, Slab, итн.
- Sans-Serif: Franklin Gothic, Helvetica, Proxima Nova
- Подкатегории: Grotesque, Humanist, итн.
- Script: Lobster, Young Baroque, Mistral
- Decorative: Rosewood, Mythos STD, Boilerplate
Обично, една супер фамилија содржи типографски писма кои доаѓаат и во serif и sans-serif формат. Познат пример за ова е фонтот Lucida. Тој вклучува верзии во Blackletter (Gothic), Handwriting, Sans Serif, Typewriter, и Calligraphy — сите во истата фамилија.
Бидејќи овие писма се креирани за истата фамилија, тие ги следат истите клучни карактеристики, што ја олеснува нивната употреба во парови во дизајнот.
Главната работа кога употребувате усогласеност е да експериментирате. Не мора да спарувате само serif и sans-serif. Обидете се со еден со задебелени букви и еден со закосени, дел големи букви, а дел мали букви, и работете со различни големини. Постојат илјадници супер фамилии кои ви се на располагање, меѓу нив одлични се Museo, Fruitiger, и Rotis.
2. Контраст
Ова е потешкиот начин на правење парови на фонтови, но често е пооригинален и поуспешен метод кој резултира во поуникатен дизајн на текст. Клучот е да најдете две различни писма кои имаат нешто заедничко. Понекогаш, две сосема различни писма кои имаат еден или два заеднички атрибути, ќе направат парот да е успешен, а не лошо усогласен.
- X-висина и ширина на глиф: X-висината е висината помеѓу дното и горниот дел на малите букви, како “x” или “a”, а ширината на глифот е впрочем ширината на самиот карактер.
- Дебелина на контурите на буквите: Некои фонтови имаат потенки линии, а некои подебели.
- Форма на карактери: Погледнете ја буквата “o” во десет различни фонтови. Дали димензиите секаде и се исти? Не, некои од нив се подеднакво заоблени, некои се кратки, а некои издолжени. Постојат многу начини на кои фонтовите покажуваат различни фоми, на пример, погледнете ги високите и ниските букви (оние кои имаат делови што се извишуваат нагоре, или спуштаат надолу од основната линија како кај “d” или “p”, на пример), или издигнувањето на буквата “n.”
- Правец на оски: Повлечете замислена линија преку секоја буква, како оските кои поминуваат низ центарот на Земјата. Различните писма имаат различни агли во оските, и токму тоа има важно влијание врз начинот на кој фонтовите ќе изгледаат кога ќе се употребат заедно.
Запомнете, ова се само неколку начини на кои типографките писма може да се поврзат едно со друго. Има уште многу повеќе!
Еве неколку примери на успешни, контрастни парови:
Само заради тоа што serif и sans-serif добро изгладаат заедно, не значи дека не можат да функционираат засебно. Одличен пример се Futura и Proxima Nova, на кои им недостасува serif, но не и варијации во дебелина на контурите или формата на карактерите (слика од Корнелиа Буксе преку Unsplash).
Bebas Neue е задебелен sans-serif со големи букви, а Libre Baskerville е преоден serif. Иако немаат заедничка x-висина, дебелина на контурите на буквите, ниту форма, сепак имаат заеднички оски. Да, контрастни се, но одлично изгледаат заедно. (слика од Алес Кривек преку Unsplash).
И двата фонта имаат уникатен карактер, но и покрај тоа, Museo Slab и Nautilus Pompilius успеваат да се надиграат еден со друг делејќи слична дебелина на контурите на буквите за да задржат интересна рамнотежа (слика од Руксандра Матеу преку Unsplash)
3. Конфликт
Иако сакате вашиот текст да има заеднички елементи, постои можност да отидете предалеку со сличноста, па да немате доволно разлики помеѓу фонтовите за тие да можат да функционираат заедно, и тогаш се случува тие да се во меѓусебен конфликт.
Hoefler и Adobe Garamond се убави, но имаат премногу сличности за да бидат компатибилни за во еден пар (слика од Логан Адермат, преку Unsplash)
Како да избегнете конфликт:
- Внимавајте на категоријата на фонтот: Забавно е да си играте со два serif или script фонтови, но тоа е ризична територија. Секагоаш внимавајте фонтовите кои ќе ги изберете да се доволно различни еден со друг за да избегнете конфликт.
- Одржувајте хиерархија: Забележете дека во сите наши примери ја употребуваме големината и дебелината на контурите на буквите за да направиме разлика помеѓу фонтовите. Хиерархијата е клучна. Вашиот избор на фонтови треба да ја отсликува важноста на различните делови од текстот во вашиот дизајн.
- Употребете боја: Ние не употребивме обоен текст во нашите примери, но често ќе го поставувате текстот на обоена позадина, наместо на слика, па тогаш добро е да употребите боја за да направите разлика помеѓу сегментите на текстот, и да креирате хиерархија.
Дополнителни совети
Иако нема единствена листа на правила за она што дизајнерите треба или не треба да го прават кога комбинираат фонтови (особено затоа што правилата се за да се прекршат), сепак има некои упатства кои дизајнерите многу често ги следат.
- Се препорачува да не употребувате повеќе од три типографски писма во дизајнот, и најчесто треба да употребувате едно или две. Кога избирате писмо за одредена цел, придржувајте се до него, посветете му се. Вашите наслови, поднаслови и текст треба да останат конзистентни низ целиот проект.
- Внимавајте на контекстот. Парот не може да функционира исто кај секој вид на дизајн. Веб дизајнот во основа се разликува од печатениот дизајн, па затоа имајте го контекстот на ум кога избирате фонт. Тонот на вашата работа ќе се рефектира во текстот. Ако имате дизајн за роденденска забава за деца, текстот не смее да изгледа како кај некое корпоративно формално известување.
- Има многу ресурси на интернет на кои може да најдете одлични фонтови за комбинирање:
- Google Fonts ви ги покажува паровите за секој фонт што ќе го изберете.
- Just My Type е колекција на парови од Typekit и Hoefler & Co.
- Type Connection е игра која ве подучува како да комбинирате фонтови.
- Typography.com нуди предложени парови за секој фонт кој ќе го изберете.
извор: 99designs
Дали сте знаеле…
… дека типографијата (уметност и техника на аранжирање фонтови) е основата на секој дизајн, вклучувајќи го и веб дизајнот? Ако сакате да станете одличен (веб) дизајнер, ова е една од работите која ќе морате да ја совладате.
Типографијата можете да ја совладате како поединечен курс или во рамки на студиската програми за UX дизајн на веб академијата Еверест.