СПОДЕЛИ

Кога почнувате да работите како хонорарец сé е возбудливо. Вашите таленти му ги ставате на располагање на светот и подготвени сте да оставите сопствен печат.

Иако оваа патека во кариерата има многу предности (финансиски и поинакви), не е сé розево. Ќе се соочувате со предизвици и ќе имате денови кога ќе се прашувате зошто воопшто сте сакале да почнете да го работите ова. Оваа работа не значи живот без грижи, ако тоа е она во што сте верувале.

Како некој кој работел како хонорарец повеќе од две децении, имам искусено многу подеми и падови. Да погледнеме неколку од радостите и маките на оваа работа. Знаете, оние работи за кои никој не ви кажува.

1. Вие не сте сам свој шеф

Кога ќе почнувате како хонорарец можеби ќе си помислите дека ја имате контролата врз сé. Ако работите од дома, може да слушате музика до единаесет часот. Да облечете што сакате. Да правите паузи кога сакате. Не мора да се криете од шефот, бидејќи вие сте шеф. Сакате да играте фудбал? Се разбира, може. Никој нема да примети дека ве нема.

Но, вие и не сте толкав шеф како што си замислувате. Кога ќе почнете, ќе сфатите дека ако сакате да имате успешен бизнис, вашиот клиент ќе го диктира вашиот ден.

Можам да ви кажам од искуство дека само едно излегување на кафе, на половина час, значи дека кога ќе се вратите ќе ве пречекаат неколку електронски и гласовни пораки на кои ќе мора да одговорите. Само замислете колку ќе имате за надокнадување откако ќе се вратите од една партија фудбал! Понекогаш едноставно мора да останете дома и да работите за да не заостанувате со задолженијата.

Иако ќе имате контрола врз начинот на работа и живеење, сепак ќе немате толку многу контрола колку што би очекувале. И тоа не е лоша работа. Тоа само значи дека мора секогаш да сте свесни дека работите за клиентот и дека самото тоа доаѓа со многу обврски кои мора да ги исполните.

2. Ви треба шесто сетило за луѓе

Прво сакам да напоменам дека јас секој ден работам со навистина прекрасни луѓе. Дури и постојат клиенти со кои толку се зближуваме што по извесно време ги гледам како навистина блиски пријатели.

Но, за жал, понекогаш ќе наидете на човек кој и не е толку пријатен и дружељубив. Дури може и да не е наклонет и искрен (верувајте ми, имам личен доказ за ова). Како и што сите знаете, постојат секакви карактери. Само затоа што соработувате со некого, не значи дека тој некој секогаш ќе биде културен и фин.

Иако можам во детали да зборувам за различните типови на карактери и личните хорор приказни, не верувам дека тоа би било соодветно за во овој текст. Затоа, само ќе ви дадам еден совет:

Ако, откако ќе се состанете со некој, или телефонски ќе исконтактирате, добиете чувство дека не би сакале да соработувате со него, тогаш можеби најдобро би било да не почнувате. Одбивањето на проект секако дека може да се одрази на вашето салдо во банка, но, понекогаш, работењето со некој кој е превртлив ќе ве чини повеќе отколку одбивањето на соработката со него.

Кога не сте сигурни за некој човек, истражете го него и неговиот бизнис. Можеби ќе успеете да најдете искуства од клиенти, или други соработници, кои би ви помогнале да одлучите дали сакате да работите за него.

3. Ќе видите како ви растат децата

Ако сé уште немате деца, ова сигурно не ви е никаков фактор. Во тој случај заменете го зборот “деца” со “миленици” или “нешто што е од ваш интерес”.

Работењето од дома значи и дека добивате повеќе време да бидете со своите деца. Лично, јас успевам да поминам дополнителни неколку часа во присуство на мојата ќерка. Признавам дека не е секогаш лесно да се балансира работата со родителските обвсрски, па затоа имам и денови кои ми се премногу хаотични и активни.

Сепак, според мене, ова е еден од најдобрите делови во работењето како хонорарец. Во добрите денови, ќе сфатите зошто ви се допаѓа работата, а во деновите кои се понапорни ќе сфатите дека животот не е само работа. Сé на сé, овој начин на живот знае да ви ја смири душата и да ве награди.(Еве отприлика што сакам да кажам).

4. Ќе ви треба помош

Неспорно е дека ќе има проекти и задачи за кои ќе мора да побарате професионална помош. Ова може да значи дека ќе треба да ангажирате уште еден хонорарец за да ви помогне со кодот, или пак можеби сметководител за да ви помогне со финансиите. Дури и ако сте стручњак за сите работи во вашиот бизнис, ќе има денови кога едноставно ќе немате време сé да завршите самиот.

Ако имате пријател (близок или далечен) на кој може да се потпрете за помош, одлично. Ако не, би требало да направите мрежа на соработници (страшно, знам). Придружете се на некоја локална асоцијација. Можеби таму ќе успеете да запознаете луѓе кои би можеле да ви дадат токму онаква поддршка каква што барате.

5. Ќе бидете во ред

Како и што самите видовте, има аспекти од работењето како хонорарец кои може да изгледаат застрашувачки. Има многу обврски и за вас и за вашите клиенти. Но, како и за сé во животот, така и овде, работите кои вредат не секогаш се добиваат лесно.

Ако сте талентиран и посветен на својата работа, тогаш со текот на времето ќе ги научите сите детали што се однесуваат на водењето сопствен бизнис. Искрено можам да ви кажам дека дури и после толку години не знам сé, ниту пак верувам дека некогаш ќе знам. Вашата цел е да го употребите она што го научивте за да се подобрите себе си и вашиот бизнис.

извор: webdesignerdepot

Ти се допадна овој напис?
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.