СПОДЕЛИ

Онлајн учењето има огромен број предности во однос на традиционалното учење. Тоа овозможува надминување на географските ограничувања, го прави учењето поудобно и финансиски подостапно, а една од најголемите (ако не и најголема) предности е овозможување на целосно прилагодување на учењето кон временските можности на ученикот.

Иако следењето онлајн курсеви може да биде удобна работа за многу луѓе, сепак, тоа бара вештини за управување со времето, концентрација, самодисциплина, волја и силна мотивација и може да биде вистински предизвик за онлајн учениците успешно да ги завршат нивните курсеви.

Во оваа статија, ќе споделам неколку клучни совети за учење за да ви помогнам да останете фокусирани, мотивирани и, најважно од се’, да научите едноставни техники кои ќе ви помогнат успешно да ги завршите онлајн курсевите.

1. РАЗБЕРЕТЕ ГИ ПРАКТИКИТЕ ЗА ОНЛАЈН УЧЕЊЕ

Првото нешто што треба да се разберете е дека онлајн курсевите не овозможуваат полесно учење, туку само го прават поудобно. За успешно да научите преку интернет, треба да посветите значителен дел од вашето време, да бидете концентрирани додека студирате и целосно да се посветите на процесот на учење, исто како што би направиле и за традиционален курс во училница.

Исто така треба да имате предвид дека кога ќе следите онлајн курс, може да се очекува:

  • да учествувате во сите активности кои ќе се побараат од вас,
  • да соработувате со останатите учесници,
  • да ги завршите учењето и задачите на време.
  • да бидете самодисциплинирани.

Ако не сте способни или подготвени да го направите сето тоа погоре, најверојатно нема да бидете многу среќен онлајн ученик.

 

2. ПОДГОТВЕТЕ ГО ВАШЕТО СОВРШЕНО КАТЧЕ ЗА УЧЕЊЕ

Без разлика дали ќе одлучите да учите во вашата канцеларија или во вашата дневна соба, бидете сигурни дека ова место е тивко, организирано, достапно за употреба во секое време и во него нема ништо што би ви го одвлекувало вниманието.

Вашето опкружување треба да биде една од вашите главни грижи кога сте онлајн ученик, па бидете сигурни дека тоа место ќе ги задоволи вашите потреби за учење.

При подготвувањето на вашето совршено катче за учење, внимавајте на следниве нешта:

Светлина: Темната просторија може да стане клаустрофобична, па дури и депресивна. Исто така, ќе доведе до побрзo заморување на очите. Ако имате мрачен дом или канцеларија, размислете за додавање дополнителни извори на индиректна светлина.

Ергономија: Независно дали работите или учите на компјутер, тоа значи дека ќе поминувате долг период во одредена позиција и повеќе од сигурно ќе се соочите со болки во грбот и вкочанет врат. Кога се чувствувате непријатно, болката и вкочанетоста ќе ви го одвлечат вниманието од учењето. За да го спречите тоа, обрнете внимание на ергономијата на работниот простор.

Доколку сакате да научите како правилно да креирате ергономски простор за учење работа на компјутер, или пак само да го модифицирате вашиот постоечкиот простор, одвојте 1 до 2 часа за да го завршите бесплатниот курс на Алисон за ергономија на работно место.

Компјутер: Бидејќи учењето ќе се изведува на компјутер, важно е тој да ви е исправен и функционален. Со оглед на тоа што онлајн учењето подразбира активности кои се изведуваат исклучиво преку интернет, како што се гледање големо количество видео материјал, доставување трудови и комуникација со менторите, главен предуслов е да имате брза и стабилна интернет конекција, Се разбира, задолжително треба да имате и слушалки со микрофон.

Резервна копија (бекап): Технолошките баговите се случуваат многу често. Замислете дека работите во средината на ноќта и одеднаш вашиот компјутер се заглавува. Го ресетирате, се обидувате да го подигнете но по неколку безуспешни обиди сфаќате дека хард дискот ви е неповратно уништен а сите ваши податоци се засекогаш загубени. Ако компјутерот ви е алатка со која заработувате, дали може да си замислите колкава е штетата во ваков случај?

За да избегнете несреќни случаи, осигурајте се дека постојано ја зачувате вашата работа и редовно правите резервна копија користејќи складирање во облак, на пример, Dropbox, One Drive или Google Drive. Доколку стекнете ваква корисна навика, дури и во случај на потешка хаварија може да бидете спокојни бидејќи секогаш ќе имате резервна копија од вашите најважни работи и ќе можете да продолжите со работа.

 

3. СПРАВЕТЕ СЕ СО РАБОТИТЕ КОИ ВИ ГО ОДВЛЕКУВААТ ВНИМАНИЕТО

Учењето е процес кој бара максимално внимание. За да биде успешно учењето, треба да направите се’ што е во ваша моќ за да се справите со се’ што ви го одвлекува вниманието. Еве неколку работи кои задолжително би требало да ги направите за оваа цел:

  • На вашите најблиски дадете им до знаење дека учите и замолете ги да не ве вознемируваат.
  • Исклучете го мобилниот или барем исклучете го ѕвонењето.
  • Одјавете се од сите социјални мрежи.
  • Затворете ги сите апликации и прозорци во прелистувачот кои не се поврзани со учењето.

 

4. НАПРАВЕТЕ ПЛАН НА УЧЕЊЕ

Планот за учење е од клучно значење за успехот во секаков вид учење, вклучувајќи го и онлајн учењето. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да бидете поуспешни:

  • Станете свесни за времето

Звучи тривијално но, времето е од суштинско значење и, ако не внимавате на него, ќе го потрошите неповратно. Неспособноста да се планира и организира времето е главната причината за неуспехот не само во учењето туку за се’ што правиме. Учењето бара доста време и, за да биде успешно, заборавете на одењето по скратен пат.

Очигледно, планирањето е од суштинска важност. Ако не сте премногу добри во тоа, во продолжение се неколку практични совети за правење добар план за учење.

  • Поставете реалистичен краен рок

Ако сакате успешно да завршите некоја работа, мора да си поставите рок. Во спротивно или никогаш нема да ја завршите или ќе ја оддолжите толку многу што целиот труд ќе изгуби секаква смисла.

За да не го поставувате рокот произволно, најдобро е да го пресметате односно направите своја проценка. Еве како да го направите тоа.

Пред да почнете со учење, направете најреалистична проценка за тоа колку време дневно би можеле да одвоите за учење, во кој дел од денот и во кои денови ќе учите.

Да речеме дека сте одлучиле да одвоите 15 часа неделно за учење: по 2 часа дневно во работните денови во вечерни термини и 5 часа за време на викенд. Со оглед на тоа што за поголемиот број курсеви на веб академијата Еверест за успешно завршување на еден курс на во просек е потребно да се вложат од 40 до 60 часа, тоа значи дека еден курс би можеле да завршите за 3 до 4 недели.

Сега, со ова сознание, поставете си го крајниот рок за завршување на курсот на 3 недели и дадете се’ од себе да ја остварите целта. Ако работите не одат совршено според планот, пак ќе имате една недела за да го завршите курсот.

  • Направете свој распоред

Врз основа на вашата одлука да одвоите 15 часа неделно за учење, направете ги сега следниве работи:

  1. Во вашиот календар внесете ги термините во кои ќе учите, водејќи сметка за тоа дека учењето бара одморен ум. Исто така, не заборавете да ги ставите термините за консултации и роковите за предавање на задачите.
  2. Одпечатете го календарот и закачете го на видно место.
  3. Во вашиот мобилен телефон креирајте серија повторливи аларми за секој ден од неделата чија цел е да ве потсетуваат дека имате закажан термин за учење.
  4. Распоредот правете го за секоја недела посебно. Се разбира, во животот ќе има и работи кои што нема да можете да ги заобиколите, па затоа распоредот правете го во согласност со вашите обврски.

 

  • Држете се до распоредот

За да имате успех во учењето, од суштинска важност е да се држите се до вашиот план за учење. Одложувањето или честото менување на распоредот е најлошиот непријател на онлајн учениците. Затоа, дадете се’ од себе за да се воздржите од било каква промена.

Обидете се да дадете се’ од себе за да се држите до ветувањето кое сами си го дадовте. Држејќи се до вашите временски ограничувања, ќе успеете да ја развиете вашата самодисциплина, важна вештина која ќе ви биде од корист и за други работи.

Совет: секогаш кога ќе дојдете во искушение да го ставите учењето во втор план помислете на крајната цел која сакате да ја постигнете со учењето и преиспитајте се. Дали гледање телевизија, излегување на кафе со пријатели, активности на социјалните мрежи или бесцелно сурфање на интернет ви се поважни од работата на остварувањето на вашата цел? Најверојатно не, но понекогаш е тешко да се одолее на некој од овие предизвици.

 

5. СПРАВЕТЕ СЕ СО СЛАБАТА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ЕДНОСТАВЕН НАЧИН

Учењето е процес кој бара максимална концентрација. Ако учејќи забележите дека за момент сте одлутале некаде со мислите, застанете веднаш и направете кратка пауза. Во спротивно само ќе си го губите времето непотребно.

Ако сте уморни, подобро е да се одморите. Ако сте изгубиле концентрација затоа што ви пролетала некоја мисла за работа која сте требале да ја завршите, запишете ја таа мисла на парче хартија (или во вашата To Do листа), ветувајќи си дека ќе ја завршите по учењето. На овој начин ќе ја исфрлите таа мисла од главата и ќе можете многу полесно се вратите на учењето.

Недостатокот или потешкотиите со концентрацијата е многу чест но за среќа постојат ефикасни техники со кои можете многу лесно да го решите овој проблем. Една од најефикасните техники се нарекува помодоро и претставува метод за менаџмент со времето а името потекнува од тајмерот за во кујна во форма на домат.

Накусо, еве како во 6 чекори функционира оваа техника:

  1. Изберете задача или активност на која ќе се фокусирате. Никогаш не работете две или повеќе активности паралелно.
  2. Поставете го помодоро тајмерот на 25 минути. (ако немате таков тајмер, постојат апликации кои можете да ги користите за таа цел)
  3. Работете на активноста која сте ја избрале (во случајов – учењето). Во текот на тое 25 минути обидете се да направите ментална блокада со која ќе ги игнорирате сите работи кои немаат врска со учењето.
  4. Запрете со работата (за момент) кога ќе заѕвони тајмерот (по истекот на 25-те минути) и означете на хартија дека имате завршен еден помодоро слот.
  5. Ако имате помалку од 4 завршени помодоро слота, направете кратка пауза од 3-5 минути а потоа одете на чекор 2.
  6. По 4 помодоро слота, направете подолга пауза, некаде околу 15-30 минути, ресетирајте ги означувањата на помодоро слотови а потоа продолжете кон чекор 1.

Ако сакате да дознаете повеќе за оваа техника, посетете го официјалниот сајт и погледнете го ова кратко видео (7 минути).


Она што е важно да се напомене за оваа техника е дека таа ќе ви користи не само за учење туку и во вашата секојдневна работа.

 

6. ПОВТОРЕТЕ ГО СЕ’ ОНА ШТО ГО ГЛЕДАТЕ ВО ВИДЕО ЛЕКЦИИТЕ

Видео лекциите најчесто се составени од теоретски и практичен дел. Овој вториов е всушност демонстрација и во него се покажува како нештата треба да се направат. Она што задолжително треба да направите е, по гледањето на демонстрацијата, самите да го повторите истото и на вашиот компјутер, користејќи ги истите алатки и датотеки, да стигнете до истиот резултат. Ако станува збор за пишување код, ни случајно немојте да одите со познатиот copy-paste пристап, затоа што целта е да научите а не побрзо да стигнете до целта.

 

7. ВОДЕТЕ СВОИ БЕЛЕШКИ

Еден од најефикасните методи кои го подобруваат учењето е водењето сопствени белешки. Запишувањето на клучните работи во тетратка паралелно со гледањето на видео лекциите ќе ви помогне брзо и лесно да се навраќате на работите кои сте ги поминале. Освен одењето белешките во тетратка, водете посебни белешки во Word за работите кои не ви се доволно јасни. Тие белешки ќе му ги доставите на менторот пред закажаниот термин за онлајн консултации и така порационално ќе го искористите времето кое ви е на располагање.

Зошто водењето белешки функционира толку ефикасно? Истражувањата покажале дека учењето е најефикасно кога истовремено се користат трите сетила – вид (она што го гледате на екран), слух (она што го слушате) и допир (додека пишувате). Затоа, колку и да ви звучи старомодно, водењето белешки секогаш ќе биде од корист при учењето.

 

8. ПРАВЕТЕ КРАТКИ ПАУЗА ОД УЧЕЊЕ

Успешноста на на вашето учење ќе се намали во голема мера доколку се чувствувате заморени. Доколку можете, кон планот за учење додадете и малку време за лесна физичка активност и резултатот ќе биде зголемена ефикасност во учењето. Предвидете активност со кратко времетраење како што е кратка прошетка која ќе ви помогне си ја обновите енергијата и да се вратите на учење со избистрен ум.

 

9. ОСТАНЕТЕ МОТИВИРАНИ

Конечно, не потценувајте го напорот кој е потребно да го вложите за успешно да го завршите успешно вашата обука. За да бидете сигурни дека ќе останете мотивирани и ангажирани, размислете за следново:

  • Украсете го вашето катче за учење со инспиративни цитати.
  • Никогаш не заборавајте ја причината поради која се запишавте на обуката.
  • Прифатете дека ќе имате продуктивни и помалку продуктивни денови.
  • Имајте во близина здрави закуски и течности за да ја зголемите енергијата.
  • Наградувајте се секој пат кога ќе завршите тешка задача.
  • Осигурете се дека одвреме-навреме ќе одвоите време за себе.
  • Останете позитивни.

Следете ги овие совети и ќе можете да го направите вашето онлајн учење забавно, пријатно и успешно.

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.