СПОДЕЛИ

Веќе со години се исцрпувате работејќи како хонорарен дизајнер, земајќи многу проекти и работејќи сé што е потребно за успешен бизнис. Вие сте работник, менаџер, извршен директор, менаџер за човечки ресурси, сметководител, маркетинг менаџер, продавач… И, сега се прашувате кој е следниот чекор. Дали може да се ослободите од машината која ве дроби со секојдневните задачи и да се вратите на она што го сакате, на дизајнирањето? Постои ли начин да загризете подлабоко, во покомплексни и поуметнички проекти кои ќе ви се предизвик за работа?

Една од опциите е да ја напуштите кариерата на соло хонорарец и да станете агенција. Промената е огромна, но возбудлива. Како агенција, вие ќе може да изградите тим од стручњаци кои ќе се грижат за работењето на компанијата, за вие да може да се концентрирате на она во што најмногу уживате. За некои тоа е правење мрежа, подобрување на профилот на компанијата и наоѓање нови, големи клиенти. За други пак, тоа е седење пред компјутер и креирање дизајни кои ги ставаат на тест сите креативни мускули.

ЗОШТО ДА СЕ ПРЕФРЛИТЕ ВО МОДЕЛ НА АГЕНЦИЈА?

Има неколку придобивки од тоа да станете агенција наместо да продолжите како хонорарец:

  • Агенцијата и’ дава можност на вашата компанија да расте и да се развива. Како хонорарец вашиот приход е врзан со бројот на часови кои вие лично може да ги сработите.
  • Агенцијата ви дозволува да научите нови вештини. На многу хонорарци им се здосадува од истиот вид на проекти на кои постојано работат.
  • Агенцијата ви дозволува да работите на поголеми проекти. Со тим околу вас, може да се ангажирате и во поголеми, поскапи проекти, отколку кога сте човек за сé.
  • Како агенција, може на други да им делегирате задачи (на пр. администратор, веб развој, сметководство), а како хонорарец сé чека на вас.

Ако сте одлучиле да се обидете со модел на агенција, еве како да почнете. Дизајнирајте ја вашата агенција така што таа ќе одговара на вашиот процес.

Сакате да се појавите кај клиентот со костим на супер херој? Никој не ве спречува.

Бидејќи вие ја основате агенцијата од самиот почеток, може да си ја креирате како сакате. Сакате да работите со клиенти од други земји? Може. Сакате да работите само во виртуелен простор? Лесно изводливо! Сакате да се појавите кај клиентот со костим на супер херој? Никој не ве спречува.

Добра идеја е да почнете со поопшта работа, или со други зборови, да работие скоро сé што ќе ви понудат, за да имате почетен прилив на пари. Како што вашиот бизнис ќе расте, во следните неколку години, може да го стеснувате обемот на работа, да ја насочувате компанијата и да креирате пакети и маркетинг кои ќе ви привлечат повеќе работа од областа која сакате да ви биде специјалност.

БРЕНДИРАЊЕ

Како дизајнер, првата работа која треба да ја направите е да креирате идентитет за брендот на вашата агенција. На агенцијата и треба поинакво име од вашето лично име и презиме и хонорарниот бизнис. Ако еден ден решите да ја продадете компанијата (и тоа е секогаш опција која треба да ја оставите отворена) треба да смислите име, дизајн на деловна картичка, дизајн на веб сајт и да смислите маркетинг кој ќе одговара на сето тоа. Размислете по што сакате вашата агенција да се препознава.

Еве неколку совети за брендирање на вашата агенција:

  • Погледнете како другите агенции во вашата индустрија се брендирале. Изберете пет бренда кои ви се допаѓаат, и напишете по три збора за да го опишете секој од брендовите. Ова би требало да ви помогне да го креирате концептот на вашата сопствена агенција.
  • Што е со името? Името мора лесно да се памети и да има приказна зад себе. Ако се обидувате да ја продадете својата креативност, потребно ви е и креативно име. Изберете десет различни имиња и побарајте секој од вашите пријатели и роднини да го одбере она кое најмногу му се допаѓа.
  • Размислете за расположението кое ќе го буди вашиот бренд. Што сакате луѓето да помислат кога го гледаат вашиот бренд? Дали сакате да си речат:  “иновативно”, “класика”, “елегантно”, “оригинално”, или “забавно”?
  • Брендот нека ви биде едноставен и безвременски. Нема ништо полошо од тоа да мора да се ребрендирате и да го преработувате веб сајтот секоја втора година, само заради тоа што вашиот брен се потпирал на минлив тренд. Наместо тоа, изберете изглед кој ќе му пркоси на времето.
  • Името треба да ви дозволи да се развивате. Немојте да ја наречете компанијата да речеме “Два дизајнери и нивното куче”. Иако може звучи симпатично и привлекува внимание, ако  некогаш одлучите да додадете уште еден дизајнер, ќе треба да го менувате и името, итн.

Графичкиот дизајнер Шона Хеидер почна како хонорарец, па потоа си отвори сопствена агенција, Branch. Таа има напишано одличен текст за тоа како да почнете сопствен бизнис со детали за секој чекор до остварувањето на замислата.

СОСТАВЕТЕ ТИМ

Добрата агенција е тимска работа, а вие сте само капитен на тимот. Кој ви е потребен во тимот? Еве неколку предлози:

  • менаџер на продажба;
  • сметководител и книговодител;
  • помошник за развој;
  • администратор;
  • други дизајнери и креативен талент

Сепак, тоа што сте агенција не значи дека мора да ангажирате персонал со полно работно време и да барате канцелариски простор. За повеќето почетници, агенција подразбира собирање тим на луѓе од доверба кои, по потреба, може да ги повикате на даден проект. Со алатките на интернет за следење на време и управување со проекти, вашиот персонал и клиенти може да бидат на било која локација, а сепак да работат синхронизирано.

СРЕДЕТЕ ЈА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Откако ќе имате тим, мора да најдете метод за следење на работата и заведување на времето кое секој го потрошил на одредена задача, за сето тоа соодветно да биде и исплатено. Ништо не може побрзо да уништи новоформирана агенција од избегнување на наплата или исплаќање помалку од заслуженото.

Повеќето модерни агенции, за потребите на управување со проекти, работат со софтвер во облак. Системот на интернет има неколку предности за агенции во развој:

  • Се плаќа со месечна претплата, што е многу поприфатливо кога ќе го споредиме со парите кои треба да ги дадете за лиценци за софтвер.
  • Може да работите од секој дел од светот,што ќе ви дозволи да ја водите агенцијата без да сте врзани за локација, и можност да управувате со тим кој е расфрлан на повеќе локации.
  • Системите во облак ви овозможуваат да ги запишувате податоците и да генерирате извештаи со кликнување на само едно копче, па може веднаш да добиете слика за тоа како напредува агенцијата во моментот.

МАРКЕТИНГ НА ВАШАТА АГЕНЦИЈА

Како маркетингот на вашата агенцијата се разликува од оној кога бевте хонорарец?

Не се разликува никако. Работата е што како агенција имате поголема моќ да барате подобри клиенти и работа. Испратете електронска пошта на вашите моментални и стари клиенти и известете ги дека сте отвориле агенција за дизајн. Објаснете им дека тоа значи дека може да продолжите да го обезбедувате истото ниво на услуга кое го имале од вас, но дека сега имате капацитет и за пообемни проекти.

Отварањето на сопствена агенција е процес кој може да ве заплаши, но воедно е и возбудлива транзиција за секој хонорарец кој сака да ги прошири своите можности. Моделот на агенција ги обезбедува сите придобивки кои ги имате  како хонорарец, но дополнително, е и клучен чекор во наоѓањето на работа за која како хонорарец сте можеле само да сонувате.

Извор: webdesignerdepot

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.