Не така одамна, за време на претседателските избори во САД, Македонија се најде во центарот на вниманието благодарение на група блогери од Велес кои дигнаа планетарна врева со тнр. фејк њуз односно лажни вести. Како резултат на ова се случија неколку работи.
Прво, Facebook започна да забранува промовирање на ваков вид вести на својата мрежа, така што оние кои се занимаваа со објавување лажни вести мораа да изберат друга тема на која ќе пишуваат.
Второ, во јавноста (особено нашава) се создаде уверување дека ваквите активности можат да донесат огромна заработувачка, понекогаш и преку ноќ. Но, дали тоа е навистина можно? За да ги добиеме вистинските одговори на ова прашање, како и да дознаеме како изгледа еден ден во животот на еден блогер, разговаравме со Ане Крстевска, блогер од Скопје.
Кога и како за прв пат започна да се занимаш со блогирање? Што те натера да го направиш тоа?
Најпрво благодарам за поканата, задоволство ми е да учествувам во интервју кое се надевам ќе биде инспиративно и мотивирачки за вашите читатели. Овој септември (2018) ќе се наполнат 2 години од моментот кога започнав да се бавам со блогирање. Причини за тоа има многу а како една од нив би ја издвоила креативноста. Блогирањето е професија која ви овозможите да ја искористите сета своја креативност, што не секогаш е можно во другите професии. Нашето поднебје е такво што владеат стереотипи за тоа како треба да изгледа една нормална работа. Најчесто тоа е работа во некоја канцеларија со работно време со сите оние правила и ограничувања. Затоа, токму слободата на изразување е она што ме поттикна да го започнам овој свој бизнис.
Претходно работев 10 години во институција која кај нас се смета за одличен работодавец. Работев за американската влада односно за американската амбасада во Скопје. Имав одлично платена работа, работно време од 9 до 5, меѓутоа не е се’ онака како што изгледа однадвор. Сакав да излезам надвор од својата зона на комфор и да направам нешто свое, нешто во кое ќе уживам. Бидејќи сите имаме само еден живот, не сакав да ми се случи еден ден кога ќе имам на пример 80 години да си кажам – требаше тоа и тоа да го направам, а не го направив.
Како го направи твојот блог? Имаше помош од некого или се’ самата направи?
На почетокот ни “Б” од блогирање не знаев (се смее) Но, најважно нешто е човек да има воља. Ако има воља, човек може да научи се’. Денес технологијата а особено интернетот ни овозможува пристап до огромен број ресурси па работите можат многу побрзо и полесно да се научат отколку пред 20-тина години. Токму тоа мене ми овозможи да научам и да бидам тоа што сум денес. Дека е лесно, не е лесно. Оваа работа бара доста трпение, нешто што денес и не е толку застапено кај младите.
Имав помош околу изградбата на блогот но и околу безбедноста на мојот сајт. Во изминатиов период научив многу за WordPress, графика, оптимизација но и изградив мрежа на соработници кои ми помагаат по потреба.
Пред помалку од 2 години ни “Б“ од блогирање немав
Да позборуваме малку за твојот блог. Какви теми покрива и на која публика и’ се обраќаш? Од кои земји е твојата публика?
Првиот блог кој го започнав е www.selfdevelopshop.com. Станува збор за блог кој обработува теми од област на личен развој. Блогот започна скромно, од нула, со многу мал број текстови. Денес на него се наоѓаат огромен број текстови. На почетокот се мачев околу избор на текстови, речиси се’ работев сама. Денес имам голем број соработници, познати странски автори кои пишуваат на најразлични теми токму од оваа област. Публиката е составена од луѓе кои ги интересира оваа тема, а читателите се главно од САД, Канада, Британија, Австралија, Нов Зеланд и земји од ЕУ.
Колку читатели редовно го следат твојот блог? Како успеваш да обезбедиш нови читатели?
Месечно овој блог има од 500 до 800.000 читатели, а често пати и над еден милион. За да стигнам до нови читатели ги користам социјалните мрежи, најчесто Facebook. Имам релативно голем процент на органски сообраќај кој го добивам од Google, а тоа се сите оние луѓе кои бараат да читаат статии од оваа област. Го користам и Pinterest кој е совршен за ваков вид блог.
Facebook-от го користам така што за својот блог имам своја FB страница каде што ги споделувам текстовите кои ги објавувам. Исто така, имам склучено договори за партнерство со други, многу поголеми страници кои имаат милиони читатели каде што го синдицираме односно ја споделуваме нашата содржина. Тие ги споделуваат моите содржини, јас нивниот на начин што ги прави среќни обете страни. Конечно, на Facebook често пати правам платени кампањи со чија помош таргетирам нови читатели кои ги интересира оваа тема.
Што точно значи да се биде блогер? Како изгледа еден твој просечен работен ден? Кога почнува, кога завршува? Колку успеваш да најдеш време за себе и своите најблиски?
Да се биде блогер пред се’ значи да се биде одговорен. Многумина мислат дека тоа е само пишување текстови и ставање слики, но тоа е само еден мал дел од целата слика. Блогирањето е професија како и секоја друга. Блогерот е еден вид претприемач и носи одговорност за сите свои одлуки. Тука немаш шеф кој се грижи за тебе и ти дава задачи, туку сам носиш одлуки и ја имаш сета одговорност. Работниот ден ми почнува кога јас сакам (се смее). Мојот часовник никогаш не го навивам, освен ако немам некоја поважна обврска или договорен состанок. Тоа е убавината во оваа работа затоа што работните часови самата си ги распределувам. Станувам кога сакам, внесувам спортски активности тогаш кога јас сакам, си ги завршувам главните блогерски активност наутро а најчесто околу пладне одам на пливање, навечер возам велосипед. За пријатели секогаш имам време бидејќи времето секогаш си го организирам така како што јас сакам. Кога сум на пат, лаптопот е со мене. Значи, да резимирам, работниот ден ми почнува кога ќе станам, завршува кога ќе си легнам а сите останати приватни обврски си ги реализирам во меѓувреме.
Како изгледа твоето работно опкружување? Каде најчесто работиш?
Во моментов работам на креирање посебно катче во мојот дом, home office, односно работна соба. Често пати работам и во Public Room, едно многу кул, многу урбано место во центарот на Скопје, каде што често пати можам да се сретнам со пријатели и соработници. Кога патувам, лаптопот е секогаш со мене така што не сум врзана за локација.
Од каде црпеш инспирација за статиите кои ги објавуваш?
Инспирација црпам најчесто од интернет. Таму има се и сешто и се’ е на некој начин поврзано. Барањето нови содржини не е тешко но бара време. Освен содржини доста време бара и наоѓањето на слики. Многу е важно да се внимава да не се повредат авторските права, но и за тоа има решение. Со плаќање претплата си обезбедувам поквалитетни слики од Shutterstock.
Дали во работата ти помагаат и други автори или соработници? Што работат тие?
На почетокот работев се’ сама. Многу често ми се случуваше да заглавам и до 4 наутро но кога човек започнува нешто не секогаш има финансиска моќ да си дозволи да плаќа соработници. Голем процент од приходите ги вложувам назад во бизнисот па така сега можам да си дозволам хонорарни соработници. Тоа се луѓе кои се занимаваат со пишување но, на крајот на денот јас сум таа која што мора да го провери, одобри и објави сето тоа.
Кажи ни нешто за твоето најголемо достигнување на кое си особено горда?
Уф, тешко прашање. Ако подобро размисла, три работи ми се од особено значење. Прво, во моментов сум во преговори за соработка со Google, што за мене само по себе е посебно постигнување. Второ, започнав и нов бизнис како блог коуч (ментор). Трето, лани бев претставена во едно големо и многу значајно списание StartUp 360.
Пред да започнеш да се бавиш со блогирање беше вработена во друга организација. Може ли да ни направиш споредба на обете искуства, особено по прашање на финансиска исплатливост? Која е најголемата разлика во твојот живот откако почна да се занимаваш со ова?
Разликата е како ден и ноќ. Кога станува збор за финансиите, ова е професија која може да донесе многу поголеми приходи, дури и 5 до 10 пати споредено со платата која ја имав порано. Втората работа е слободата. Претходно работев под стеги, во средина која наметнуваше одредени правила и немав право ниту на глас ниту на мислење. Во оваа професија тоа го нема. Имам слобода која се рефлектира индиректно и на здравјето. Како прво немам никаков стрес, кој претходно беше константно присутен. Чудно или не, но откако ја сменив професијата, не сум била болна ниту еден ден (се смее). Повеќе сум на отворен простор, опкружена со позитивни луѓе, идеи, со можност константно да се надоградувам и да им помагам и на другите.
ова е професија која може да донесе многу поголеми приходи, дури и 5 до 10 пати споредено со платата која ја имав порано
Колку си задоволна од твојата работа како блогер? Дали и под кои услови би ја заменила со редовна работа со работно време од 9 до 5?
Апсолутно не. Под ниедни услови не би ја заменила оваа работа. Никогаш повеќе не би се вратила на работата од 9 до 5 без оглед на тоа за која институција станува збор. Инаку, веќе имав две понуди за работа за Обединети Нации во Њујорк но обете ги одбив.
Јас знам но за жал има доста неупатени луѓе на кои не им е јасно како блогирањето може да носи приходи. Дали може во кратки црти да објасниш како тоа функционира во реалноста?
Има неколку начини на кои може да се изврши монетизацијата на блогот, но најпопуларен е секако преку објавување реклами. Постојат голем број рекламни мрежи како на пример Google AdSense кои на блогерите им овозможува да постават реклами на својот блог. Потоа, секој клик врз тие реклами значи приход за сопственикот на блогот. Значи, накусо, блогерот отстапува простор на рекламната мрежа а потоа приходите се делат според однапред утврден договор (најчесто Google задржува 30%). Се разбира мора да се поседува и квалитетна содржина.
Приказната за фантастичните финансиски успеси на блогерите од Велес помогна кај многу луѓе да се изгради став дека блогирањето е лесен и брз начин за заработување многу пари. Дали е тоа навистина така?
Блогирањето не е формула за лесно заработување преку ноќ, туку професија. Точно е дека може да се заработат доста пари но само доколку човек се посвети 100% на оваа работа. Инаку, во Велес освен фејк њуз блогери има и такви кои се занимаваат со други, сериозни теми. Таму има сериозно квалитетни блогери кои одлично заработуваат.
Точно е дека може да се заработат доста пари но само доколку човек се посвети 100%
Што се’ треба да се поседува за да се започне и успешно да се води еден блог? Од кои области и какви се’ знаења треба да поседува некој што сака да започне свој блог?
Прво треба да ја избере областа односна темата која ќе ја покрие. Понатаму, потребно е темелно познавање на платформата за блогирање односно WordPress. Битно е да се познаваат и графичките програми, SEO, и конечно, маркетингот.
Што би им препорачала на оние кои размислуваат да заработуваат пари на интернет со блогирање? На што да внимаваат и на што да бидат подготвени?
Најважно според мене е да не ги слушате блиските. Слушајте си го внатрешниот глас и не дозволувајте да ве разубедат во она во кое вие верувате.
Дали се занимаваш и со други активности освен блогирањето?
Од неодамна почнав да се занимавам и како блог коуч и им помагам на оние кои сакаат да започнат свој блог. Врз основа на моето претходно искуство подготвив 6 месечна програма во која примам исклучиво сериозни, посветени луѓе, кои се подготвени да ги покријат и сите дополнителни трошоци кои се подразбираат во блогирањето. Се работи за менторска, 1-на-1 програма каде што клиентот се води буквално како мало дете за рака (се смее). Што се однесува до критеруимите за влез во оваа програма, многу е важно секој кандидат да е подготвен за сериозна работа, да нема очекувања за резултати преку ноќ. Во програмата не прифаќам луѓе кои очекуваат јас да им ја сработам работата. Јас тоа можам, но тоа не е поентата. Поентата е кандидатот да се оспособи сам да си го води блогот и тоа да е финансиски успешно. Значи, ова е програма која е за hard working индивидуалци кои на блогирањето ќе го гледаат како професија.
Линкови:
- www.selfdevelopshop.com
- www.ibelieveinmothernature.com
- soulonsoul.com
- aigeneration.ai
- www.anekrstevska.com
Целосната верзија на интервјуто (55 мин) слушнете ја овде:
Биди и ти како Ане!
Запиши се на стручни студии за WordPress администрација на веб академијата Еверест, стекни ги неопходните знаења и вештини, креирај свој извор на приходи и обезбеди си ја иднината која си ја посакуваш. Пријави се уште денес!