СПОДЕЛИ

Денес, благодарение на Интернетот, фриленсингот станува се’ попопуларна опција за работа, особено меѓу помладите генерации. Глобалниот пазар е отворен за секој што е доволно храбар да „скокне“ и да се бори рамо до рамо со конкуренцијата на светско ниво – а за возврат да добие многу повеќе од еден благодет.

Но доста често луѓето прашуваат – што всушност работат фриленсерите во Македонија?

Можности за работа има многу и спротивно од тоа што многумина го мислат, работењето од дома повеќе не е само поврзано со ИТ секторот.

На оваа тема разговараме со Бојана Трајковска, 27 годишна фриленсерка од Велес, која во моментов целосно му се има посветено на копирајтингот.

Следете не’ додека заедно дискутираме за прашањата што таа најчесто ги добива, како и за сите други практични страни на фриленсингот, со надеж дека токму некој од нашите читатели ќе биде следниот гостин во оваа рубрика.

Што всушност претставува копирајтингот и што е тоа што ти го правиш?

Па, како за почеток – дефинитивно не копирам текстови. (се смее :)) Доста често кога кажувам што работам, луѓето прво помислуваат на тоа, а втората работа што ја велат е дека работам нешто поврзано со авторските права (copywrite vs. copyrights)

Меѓутоа, копирајтинг е пишување (смислување, креирање) на текстови коишто подоцна се користат во маркетинг цели, а некогаш копирајтерот е задолжен и за осмислување на целата маркетинг стратегија (најчесто кај помалите претпријатија). Тоа може да биде во реклами, флаери, опис на продукти, како и информативни статии коишто имаат крајна цел суптилно да го привлечат читателот кон одреден продукт или услуга.

Би рекла дека копирајтингот е вештина што ако се научи правилно, може да се искористи во еден мнооогу широк спектар на работи – од работење реклами на некои од социјалните мрежи, па се’ до водење на е-мејл кампањи.

Да напоменам, копирајтингот, како и воглавно онлајн пишувањето, е сосема поинаква дисциплина од она класично пишување што не’ учеле во средно и на факултет. Меѓутоа, далеку од тоа дека е неизводливо да се научи.

Каде го научи сето ова што денес го работиш? Колку факултетот ти помогна за ова?

Дарбата – и желбата! – за пишување постоеле отсекогаш кај мене, знаев дека е прашање на време кога ќе ги искористам соодветно. Но иако тоа ми помогна, имаше доста работи што требаше дополнително да ги научам. (како да пишувам за Интернет публика, за дигитални медиуми, како да подготвам интересен наслов, итн.) Како беше она – дека талентот е ништо без вежбање, подготовка и труд. 🙂

Читав многу за пишување онлајн, истражував, слушав неколку курсеви, читав и се’ уште читам книги за копирајтинг и сметам дека секогаш има нешто ново да се научи. За моја среќа, студирав нешто што ми овозможи добро да се потковам јазично, така што, ете, во мојот случај, коцките некако се „поклопија“. 🙂

Од кога се занимаваш со оваа работа? Што те натера да почнеш да работиш како фриленсер?

Со фриленсинг се занимавам веќе неколку години, а почнав да „фриленсам“ сосема случајно, по една соработка со наша македонска фирма, којашто на крај траеше доста долго. По природа сум комуникативна личност и никогаш не ни замислував дека еден ден ќе работам од дома, меѓутоа, животот не секогаш ни оди по план.

Кога почнав, сфатив дека се пронаоѓам во фриленсингот затоа што работењето од дома – или работење неповрзано со локација – целосно се поклопува со начинот на живот што го имам замислено за самата себеси.

Заради честите патувања и престои во странство, некако ненамерно го присвоив капиталистичкиот „мајндсет“ (јавно извинување до сите јазичари што моментално превртуваат со очите, хаха!) и целата таа бизнис-култура. Цврсто стојам на ставот дека секој сам е одговорен за тоа колку е успешен во својата кариера – точно, не секогаш можеме да ги контролираме сите околности (на пример, државата во којашто сме се родиле) меѓутоа, наше е да го извлечеме најдоброто од ситуацијата.

Јас одлучив дека за мене лично е подобро да ја насочам енергијата кон усовршување и учење на вештини коишто се моментално најбарани, (а верувајте дека буквално се’ е достапно на Интернет да се научи за оној што сака да научи!) отколку кон тоа да барам некој друг да преземе одговорност за мојот неуспех, немање работа или недоволно платена работа.

Го спомена капиталистичкиот мајндсет. Што е различното во мајндсетот кај луѓето во странство? Што имаат луѓето таму што го нема овде?

Пред се’, морам да бидам реална – мрзеливи луѓе има низ целиот свет, така што, не би било фер да речам дека сите луѓе во високоразвиените западни земји се трудољубиви, а сите луѓе овде се мрзеливи.

Меѓутоа, тоа што јас го присвоив од т.н. „западниот“ менталитет (како што многумина ме опишуваат дека размислувам J ) беше проактивноста при работењето и високите морални вредности додека работам. Накратко, тоа значи дека картите постојано се целосни отворени, се комуницира јасно и гласно. Нема манипулации, лажење, пасивна-агресивност, неодговорност итн. Наместо тоа, има вложување на труд, кој за возврат, е соодветно вреднуван и ценет, како и голема слобода да го кажам сопственото мислење за одреден проект/ситуација.

Со оглед на тоа што најчесто соработуваме со луѓе што ни сме ги виделе, ниту пак некогаш ќе ги видиме во животот, веднаш е разбирливо зошто тие особини се потребни за да се реализира една успешна соработка.

Што е тоа што беше пресудно во твојот случај за да ја донесеш одлуката да продолжиш да работиш како фриленсер?

Динамиката на самата работа, како и можноста за брз интелектуален и професионален развој на глобално ниво, се моите најголеми мотиватори. Не велам дека не е возможно да се напредува и на нашиот пазар, меѓутоа, од лично искуство, напредокот не би одел ни приближно со иста брзина.

Но токму заради ова, сите што успешно се занимаваат со фриленс или сите оние што потоа преминуваат и успешно основаат сопствени компании (нешто што и јас самата планирам да го направам), сметам дека имаат еден вид на одговорност кон останатите – еден вид на giving back to the community.

Ние сме тие што треба да им докажеме и да ги мотивираме другите дека да, и тие можат да бидат доволно успешни ако посакаат!

Колку ти беше лесно да ја најдеш првата работа? Што беше пресудно?

Пресудно беше тоа што во Индија беше пет часот наутро (се смее 🙂 ). Се шегувам – некаде на Интернет прочитав дека најдобро време за аплицирање на работа на некоја од веб-страниците за фриленсери е во недела навечер, кога во Австралија е веќе понеделник наутро, а во Индија спијат. (шегата е направена заради огромниот број на Индијци коишто се обидуваат да работат како фриленсери со смешни цени).

Но сега, сериозно. Не знам навистина дали тоа „упали“ кај мене затоа што е вистина или затоа што јас бев решена дека ќе „упали“, ама ете. Мене ми беа потребни околу две недели упорност и мнооооогу читање за тоа како е најдобро да се претставам пред клиентот. 🙂

Би рекла дека пресуден момент, без разлика каде се обидувате да најдете работа (дали на некоја од популарните веб-страници како Апворк, Фајвер или пак сте добиле понуда преку Линкдин или пак сте во некоја група на Фејсбук и слично) е да размислувате што е тоа што ќе ве натера ВАС да најмите некого доколку треба да вработите некого.

Јас си го ценам трудот и никогаш не се обидувам да ги освојам клиентите со ниска цена, впрочем, никој досега не ме најмил заради цената, воглавно било заради креативноста, проактивноста и свежите идеи. J И нормално, имајте примероци од нештото што велите дека знаете да го сработите. Со оглед на тоа што луѓето од другата страна на екранот не ве знаат, добро е ако видат што поточно можете и знаете да сработите.

Кога аплицираш за работа на проект користиш генерички текст на понуда?

Не, таман работа. За секој проект пишувам посебна понуда, а по потреба договараме и видео-повици или телефонски повици, за подобро да ги договориме сите детали околу работата.

Пред некое време, имав прилика јас да се најдам од другата страна, односно, јас да бидам во ситуација каде што треба да вработам други луѓе и се изненадив од тоа колку многу луѓе праќаат генерички или нецелосни понуди. Верувајте, генеричките текстови се препознаваат „од прва“ – не треба ни да го прочитам целиот текст за да сфатам дека некој само го копирал од некое друго место.

Исто така, имам правило – ако целиот текст е само „јас ова, јас она, јас вака, јас така“ без никакви конкретни примери од тоа ЈАС, понудата веднаш отпаѓа.

И се разбира, каде без нецелосните понуди.

Се сеќавам на едно младо момче од Србија или Хрватска (преферирам да работам со млади луѓе од Балканот – одлични се!), коешто ми остави добар впечаток, меѓутоа, кога го замолив да ми испрати примероци од неговата работа, ми рече „епа немам“. Во тој момент веднаш го отфрлив од потесниот избор – прво, заради немањето иницијатива, а второ затоа што можеше да рече „немам, но ќе напишам нешто и веднаш ќе ви пратам“. Доволно ќе беше да ми покаже нешто што го напишал за 15-тина минути. Во таа ситуација, јас, а верувам и секој друг работодавец, ќе биде и повеќе од среќен да соработува со таков млад човек.

Што би му порачала на некој што размислува за фриленсинг? Колку се реални шансите да си најде работа и да си обезбеди приходи?

Според мене, работа на Интернет има за секој кој сака да работи. За тоа сум доказ не само јас, туку и голем дел од луѓето околу мене. Би била толку самоуверена да речам дека дури и непознавањето на англиски не би требало да претставува некој страшен проблем, за стотици професии онлајн е доволно да се знае само некој основен англиски јазик.

Има еден куп млади луѓе за восхит, коишто биле доволно вредни и трудољубиви не само да научат нешто, ами и да специјализираат во тоа што го научиле (дури и некои работи што се сметаат како поосновни, пример, форматирање и уредување на текст или работа во Ексел) и денес си го уновчуваат своето знаење како специјалисти во таа област.

Исто така, би порачала и дека иако се вели дека пазарот онлајн е презаситен од недоволно обучени кадри од земји со низок животен стандард (Индија, Пакистан, Филипините), сепак, за добриот фриленсер секогаш ќе се најде работа. Живееме во ера кога дипломите и титулите имаат се’ помало значење, а се’ повеќе се ценат вештините, така што, размислете добро пред да се запишете на магистерски студии за нешто што и не ве интересира толку многу, само заради можноста да најдете подобра работа.

Колку денес е важно да покажеш дека си магистер на некој од твоите клиенти?

За жал или не, од мое искуство, титулите немаат веќе никакво значење, бар не во мојот свет. Клиентот не го интересира дали си ти доктор на науки или не – го интересира само да му се сработи тоа што го сака брзо и квалитетно.

Повторно ќе се навратам на еден пример додека вработував луѓе. Вработив една жена, доктор на науки, сериозна, принципиелна и мноооогу исполнителна – не се сомневам дека е преполна со знаење и верувам, би била прекрасен соговорник! Меѓутоа, ги немаше основните вештини што нам ни требаа и за жал, иако се обидувавме да го извлечеме најдоброто од соработката, моравме да ја прекинеме по неколку месеци.

Колку е сигурно плаќањето? Дали се случуваат измами и постојат шанси да не ги добиеш парите?

Како и во се’ друго, нормално, постои одреден ризик од некаков конфликт меѓу вас и клиентот, како и тоа дека нема да бидете исплатени за работата што сте ја сработиле. Од лажни понуди, до клиенти што не се задоволни и бараат рефундирање на средствата, имам сретнато секакви приказни, колегите од Србија се особено дарежливи во споделувањето на таквите настани. 🙂

Но сепак е важно да се напомене дека без разлика која платформа за онлајн-работење ќе ја одберете, воглавно, сите имаат безбедносни системи со којшто двете страни се заштитени. Тоа значи дека парите за проектот се „чуваат“ кај самата платформа додека вие работите на проектот. По успешно завршената работа, ги добивате парите, и одбирате начин на којшто ќе ги подигнете. (достапни се повеќе начини, ваше е да одберете кој ќе го користите)

Можам да забележам дека си прилично среќна и задоволна со тоа како си го имаш организирано животот и работата. Дали фриленсингот можеби има и некоја негативна страна?

Да, сум, би било неблагодарно да речам дека не сум. Сепак, фриленсингот ми ја дава слободата да го правам тоа што сакам, каде сакам и кога сакам. (има некоја посебна убавина кога во понеделник наутро надвор врне, а вие можете слободно да „украдете“ уште половина час во кревет 🙂 )

Ако треба да издвојам нешто што мене лично ми е проблем, тоа би било изолираноста. Има денови кога сум премногу изолирана и единствениот контакт со луѓе ми се одвива преку екран. Кон сите новопечени фриленсери, мој совет би било психички да се подготват дека ќе има денови кога воопшто нема и да излезат од домот и дека многу често може да се почувствуваат осамени – ама не се единствените што се чувствуваат така!

Затоа, мислам дека секој фриленсер треба да има некое хоби во коешто ужива по завршувањето на работното време, нешто што ќе го прави надвор од домот и по можност, во група со луѓе. (пример – групно вежбање/спорт, посета на кино/театар, некаде каде што има мнооогу луѓе)

За крај, што би им препорачала на нашите читатели, посебно оние кои се уште се во фаза на размислување? Дали би им го препорачала фриленсингот како начин на работење?

Кај нас, понекогаш работата од дома се’ уште не се сфаќа доволно сериозно и се гледа со потсмев – како нешто што секој може да го прави, нешто што го работат студенти додека „дремат“ пред компјутер. Мило ми е што полека се менува сликата и конечно малку посериозно не’ сфаќаат.

Според мене, една работа за којашто многумина не се свесни кога станува збор за фриленсинг, е нивото на дисциплина и самоконтрола што се потребни за самите да се натерате (навреме!) да ги завршите обврските што ги имате. Овде нема шефови и нема директори и нема менаџери – вие сте и креативецот и тој што мора да ги држи работите под контрола, а тоа не секогаш оди така лесно. 🙂

Но, на секој што е подготвен да одвои време, многу труд, волја и упорност за да настапи на глобалниот пазар со вистинските вештини во вистинското време, најтопло би го препорачала фриленсингот наместо класичниот начин на работа.

И за крај, доколку сте доволно храбри и одлучни да ги отфрлите фразите „не знам“ и „не можам“ од вашиот речник, само небото е граница за тоа каде можете да стигнете во светот на фриленсингот.

интервјуто го водеше: Александар Марјановиќ


Биди и ти како Бојана!

Стекни знаења и вештини и потоа освој ги клиентите ширум светот. Запиши се на стручни студии на веб академијата Еверест и обезбеди си ја иднината која си ја посакуваш.


Највредниот дар кој го поседуваат луѓето е грижата и споделувањето.
Споделете го тоа што го имате, грижете се за тие кои ги имате.

Ако ти се допадна статијава, сподели ја со своите пријатели.
Ќе ги израдуваш и нив и нас.

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.