СПОДЕЛИ

Кога почнувате да работите во полето на веб развој, можеби ќе сакате самите да го сработите поголемиот дел од работата, ако не и целата. Не е тешко да се разбере вашата логика: колку повеќе работа ќе завршите, толку повеќе од добивката ќе може да задржите, така?

Но, овој пристап има една страна која скоро секој од новите веб дизајнери ја превидува во моментот кога се одлучува да започне независен бизнис, а не да се приклучи на веб агенција со реноме. Но вистината е следнава: ако сé работите сами, тоа неизбежно ќе резултира со непроспиени ноќи, тони кафе и небројно многу достави на пица. На крајот ќе останете со црвени очи, лоша кожа и подуен стомак… сосема спротивно на оној  што си замислувавте дека ќе бидете кога се согласивте на ваква работа!

Најверојатно нема да заработувате ни приближно онолку колку сте замислувале, бидејќи ако целосно се закопате во програмирање и решавање на проблемите на клиентите, нема да имате време, ниту енергија за наоѓање нови клиенти. Пред дури и да станете свесни, како и многу од соло летачите, ќе прегорите и ќе станете неспособни за работа.

За среќа не мора да дојде до таму. Ако ја препознаете мудроста и увидите дека градењето на тим, делегирањето и споделувањето на богатството е за заедничка корист, тогаш ќе имате повеќе шанси за напредок. Има само една работа која ви стои на патот… мора да најдете вистински луѓе со кои ќе работите.

ГРАДЕЊЕ НА ТИМ: ВИ ТРЕБААТ ЛУЃЕ СО ВЕШТИНИ!

Еден добар проект за веб развој секогаш има потреба од следниве улоги:

  • Специјалист за продажба – ќе ви помогне да генерирате нови клиенти
  • Архитект на проектот – го развива генералниот концепт на проектот (не дизајнот)
  • Проект менаџер – управува со задачите од проектот и следи сé
  • Дизајнер на сајт – ги дизајнира изгледот и функционалноста на сајтот
  • Back-end развивач – Ја креира работната рамка на која ќе биде поставен интерфејсот на сајтот
  • Front-end развивач – ги креира и имплементира компонентите на интерфејсот
  • Тестирач на сајт – во основа прави сé за да го расипе сајтот сé до моментот кога не може повеќе да го скрши.

Покрај основните улоги споменати погоре, понекогаш ќе имате потреба и од специјалисти:

  • Специјалист за кориснички интерфејс  – соработува со front-end развивачите за да креира убав интерфејс
  • Специјалист за корисничко искуство – ги испитува човечките фактори на сајтот за да обезбеди добро корисничко искуство
  • SEO специјалист – ја одредува (и по можност имплементира) SEO стратегијата
  • Автор на содржина – обезбедува текстуална содржина со висок квалитет
  • Графички дизајнер – креира графика

Да бидеме на чисто: Фактот дека градите тим не значи дека никој не смее да работи на повеќе од една задача. Следствено, тимот кој ќе го составите не мора да биде голем, па дури и не се препорачува да е голем, бидејќи и тоа има свои недостатоци.

Општо гледано, колку поголем и поважен е проектот, толку постручен и поголем треба да е тимот. Помалите проекти може да си дозволат неколку поединци со повеќе улоги во процесот на развој.

КОЈ ШТО РАБОТИ?

Првиот логички чекор е да ја одредите вашата улога во тимот. Можеби сега си велите дека како соспственик автоматски треба да бидете архитект на проектот, или евентуално проект менаџер, со оглед на тоа што овие титули подразбираат водство.

Застанете и размислете за момент. Дали тоа е ваша јака страна? Ако себе си се гледате повеќе како програмер или илустратор, тогаш можеби би било добро да ги дадете менаџерските функции на некој со повеќе искуство или способност во таа област, а вие да се насочите онаму каде сте најсигурен.

Никогаш не дозволувајте вашето его да го управува донесувањето на одлуки.

Следи забавниот, но и најтешкиот дел. Време е да ги одберете вашите соработници и колеги. Мора да потенцирам дека најдобро е да имате постојан основен тим, во кој секој член би ја изведувал истата улога во секој од проектите, а по потреба да ангажирате хонорарци за посебните потреби од некој проект.

Ако мора да креирате нов тим за секој проект, ќе потрошите повеќе време и пари, а почесто ќе добивате резултати кои нема да ви се допаѓаат. Затоа, најдете луѓе кои ви се допаѓаат и на кои им верувате, и направете ги постојан дел од вашиот тим.

НАЈДЕТЕ ДОБРИ ЧЛЕНОВИ НА ТИМОТ

Грешката која многумина ја прават кога ангажираат соработници е што прават листа на вештини кои се прекомплексни и премногу ограничуваат. Понекогаш, дури изгледа како да не ја разбираат улогата. На пример, еве една листа со барања за front-end развивач која неодамна беше објавена:

  • Mинимум 3 години искуство во PHP развој
  • Mинимум 3 години искуство во SQL/MySQL
  • Солидни познавања од WordPress, прилагодливи теми, додатоци, HTML, CSS, JS, JQuery.
  • Искуство со работа во GIT
  • Искуство со тестирање и QA
  • Солидни познавања од Unix
  • Познавања од UI дизајн
  • Искуство со Agile Scrum методологијата (неопходно)
  • Вештини за документирање
  • Искуство во електронски маркетинг по е-пошта, SEO, и социјални медиуми

Ако не гледате проблем во листава, тогаш и вие сте дел од проблемот. Многу малку од вештините кои се ставени на листата имаат врска со front-end развојот. Најголемиот дел од барањата се поврзани со back-end, администрација и маркетинг. Нема логика да ги барате овие вештини кај еден front-end развивач.

Дополнително, треба да знаете и дека барањата за познавање на agile методологија се повеќе од смешни. Agile развојот е ефикасен кај развој на софтвер, онаму каде станува збор за големи проекти кои траат со месеци и во кои многу се инвестира. Веб проектите се целосно поинакви, и кај нив употребата на оваа методологија е само трошење пари, бидејќи подразбира и ангажирање на дополнителни кодери кои воопшто не ви се потребни.

Многу подобар начин на огласување за таа позиција е следново:

  • Способност за пишување на кориснички JavaScript код
  • Познавање од CSS
  • Рационално размислување

За време на интервјуто фокусирајте се на последната точка, бидејќи таа ви е многу важна за успехот на вашиот проект. Одиме под претпоставка дека човек кој знае да пишува квалитетна JavaScript сигурно има познавање и може да работи и во друг јазик. Не ги набројувајте сите јазици за развој во вештините кои ги барате, бидејќи така многу лесно ќе го испуштите некој кој е врвен  JavaScript програмер, а тоа е посуштинско за вашиот бизнис.

ЗГОЛЕМУВАЈТЕ ГО ТИМОТ И БИЗНИСОТ СО ОДДРЖЛИВА БРЗИНА

Најголемиот број на мали агенции за развој би требало да ги пополнат основните улоги во тимот со персонал од 3 до 4 члена, а потоа да ангажираат хонорарци по потреба. Како што ќе расте вашиот обем на работа,  би требало да ги стеснувате полињата во кои ќе работи секој од вашите основни членови во тимот, и да креирате поголем тим.

Обидете се да избегнете корпорациска хиерархија и култура. Обично тоа доведува до стагнација и неуспех на креативните бизниси. Хиерархиската структура доведува до конкуренција, унапредувања и подделби.

Она што е потребно е секој да е еднаков член во организацијата, без големи разлики во исплатата, и покрај различните улоги. Секој треба да се чувствува како да допринесува за успехот на тимот. Само така ќе имате ефикасен тим за развој кој ќе ви обезбеди напредок и ќе го прошири вашето портфолио.

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.