СПОДЕЛИ

Една од најстрашните работи кога преминувате во техничка струка е чувството дека вашите вештини не се совпаѓаат со барањата во огласите за работа.

Но, ако некогаш сте работеле во вистинскиот свет, на еден или друг начин, вие веќе имате вештини. Можеби, тие сите не се релевантни, но сигурно некои од нив се. Тоа значи дека кога прв пат ќе влезете во ова поле, треба да ставите акцент на вештините кои се преносливи, кои важат за повеќе категории.

За среќа има вештини кои се пожелни кај сите кандидати, и потоа се разбира, потребни се технички вештини – дел од кои се полесни за учење.

На пример, пред да започнам кариера во технологијата, јас работев во одделот за економски развој на Thai. Не беше многу логичка транзицијата во WordPress, но тоа не значи дека ниедна од моите претходни вештини не ми помогна. Имав искуство во комуникации, имав аналитички и истражувачки вештини, иновативен бев и имав знаења за да можам да решавам проблеми. Впрочем, имав многу “дискретни” техники кои ми дадоа посебна можност во светот на технологијата.

За да ви помогнам, направив листа од 14 различни вештини кои може да ги додадете во вашата кратка биографија, LinkedIn, или портфолио и кога немате стручни ИТ вештини. Ги категоризирав во две групи: soft skills односно меки вештини (оние кои може да се употребат во секоја индустрија) и технички (само оние кои полесно се совладуваат).

SOFT SKILLS (МЕКИ ВЕШТИНИ)

1. Комуникација

Поседувањето комуникациски вештини значи дека вие знаете да слушате и да зборувате, а тоа е нешто што се бара за многу работни места, во многу индустрии.

Важно е да знаете дека пренесувањето на комплексни технички/деловни концепти, и способноста истите да се објаснат на друг, се непроценливи вештини. Ако може да го правите тоа, ќе може да се поврзете со секаков вид на луѓе, од технички генијалци, до дизајнери, па и менаџери и клиенти кои немаат технички познавања.

Сепак, во вашата кратка биографија не може само да напишете “одлични комуникациски вештини.” (Тоа е фраза која пречесто се употребува и изгледа како куп празни зборови) Демонстрирајте. Комуникациските вештини може да се појават во многу форми: пишување, предавање, подучување, менторство, преговарање итн.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Споменете ги сите извештаи, понуди, презентации на кои сте работеле (или колку време сте поминувале во комуникација со клиентите преку пишување)

Ако некогаш сте биле ментор или инструктор, споменете го и тоа.

Дали некогаш сте преговарале или составувале договори? И тоа е нешто што ги поддржува вашите комуникациски вештини.

Пример: “Менторство на нови членови во ___ програмата*”

*Имајте на ум дека оваа програма може да биде на работно место или волонтерска.

2. Аналитичка / истражувачка дејност

Овој тип на вештини се однесуваат на вашата способност да и пристапите на дадена ситуација и да ги соберете информациите кои ви се потребни. Во основа, вие треба да знаете да побарате многу извори и да земете во предвид различни перспективи.

На пример, можеби сте одговорен за надгледување на буџетот на мал тим. Покрај Excel листа со цифри, креирате и детален извештај со кој ќе прикажете како одредени трошоци влијаеле на тимот, и ќе дадете предлози за буџетот во иднина.

Кога станува збор за техничка струка, тоа е способност да ги погледнете податоците и да извечете заклучоци во однос на сообраќајот на веб сајтот и изведбата на истиот. Имено, има многу кариери кои се однесуваат исклучиво на следење на овој тип на податоци и донесување на решенија врз основа на донесените заклучоците.

Слично како и со комуникациските вештини, и аналитичките / истражувачките вештини се вредни за многу индустрии.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Споменете алатки кои директно се поврзуваат со истражување и анализа (пр. Microsoft Excel, Google Analytics)

Опишете работно искуство во кое сте ги употребиле овие вештини: анализирање на податоци, извештаи, написи за технички веб сајт, итн.

Пример: “Анализа на статистичките показатели на клиентот на платформите на социјални медимуми заради неделни извештаи.”

* Запомнете, “клиентот” може да е вашиот најдобар пријател, братучед, зет или другар од јога.

3. Способност да поставувате приоритети

Може да земете повеќе обврски и потоа да поставите приорите, а покрај тоа сте подготвен и брзо да се прилагодите.

Во многу кариери мора да одлучиме кои проекти или задачи да ги прифатиме според целите на тимот на месечно и квартално ниво (и буџетот!)

Способноста да работите и распределувате задачи, задолженија и буџет е многу важно во техничките струки, бидејќи често има поправки на грешки и ажурирања кои треба да се завршат, и некои од нив се поважни за вашата компанија од останатите. Да знаете да поставите приоритети е основна вештина за вакви ситуации.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Споменете одредени алатки за работа на проекти и продуктивност (пр. Asana, Basecamp, Evernote, Google Drive, итн.)

Прикажете ваше работно искуство во кое сте го превземале водството во проект или тим-особено ако сте морале да работите на повеќе работи одеднаш.

Пример: “Работев на планирање на социјални медиуми на платформи со Buffer и ги форматирав сите постови во WordPress”

4. Креативност / иновативност / способност да решавате проблеми

Важно е да сте иновативен бидејќи тоа ве квалификува да може да изнаоѓате креативни решенија на проблемите. Наместо да останете “во предвидените рамки,” вие пристапувате кон размислување за она што би се случило, па дури и успевате да ги предвидите можните проблеми и да спречите истите да се случат.

Да речеме дека сте наставник во основно училиште и дека сте дознале дека некои ваши ученици не ги предале задолжителните формулари, па вие одлучувате да пристапите кон систем на награди за да ги охрабрите, без да ги казните за нешто што нивните родители забораваат да го потпишат.

Колку и да ви звучи нерелевантен, овој проблем покажува креативно решавање, нешто што лесно може да се препознае во техничкиот свет. Што ако, наместо да чекате вашиот колега да доживее нервен слом од прекумерна работа, вие развиете систем на барање помош за сите кои знаат дека нема да можат да го завршат програмирањето на време? Или ако решите проблем во CSS на начин на кој никој не се сетил?

Со креативност, може да решавате проблеми на начини на кои другите не би помислиле. Дури и ако никогаш не сте се сретнале со дадениот проблем, вие може да понудите свежа перспектива.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Потенцирајте ги креативните / иновативните идеи кои сте ги примениле

Накратко продискутирајте ги проблемите кои сте ги решиле на начин на кој останатите не помислиле дека можат да се решат.

Пример: “Развив нов процес на следење на аналитичките податоци на веб сајтот за подобар развој и поголеми приходи”

5. Тимска работа

Сега, дури и кога не сте во физичка канцеларија со вашите соработници, тимската работа е многу важна. И кога работите хонорарно, мора да работите со клиенти и да се прилагодувате на нивните потреби. (Понекогаш, дури и да ги обучите како да работат со новиот метод кој го имплементирате).

Независно од полето во кое работите и природата на вашата работа, при процесот на постигнување на заедничките цели мора да знаете да соработувате со други на професионално ниво.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Споменете одредена алатка за комуникација која е важна за тимска работа, а која сте ја употребувале во минатото (пр. Slack, HipChat, Skype)

Потенцирајте ги аспектите на соработка во вашите обврски од секое работно место на кое сте работеле како дел од тим.

Пример: “Интерно соработував со координаторите, и го пренесував напредокот на клиентите.”

6. Планирање и организација

Може да работите со крајни рокови и ефективно да планирате. За одредени задачи, имате “процес” кој можете да го објасните, а не само површно да го презентирате.

Вие сте “човекот” кој има детален распоред и кој го планира целиот квартал, дури и пред тој да започне. Имате подготвени образци и листи со задачи кои треба да се завршат – како кога почнувате со нов извештај за буџет.

Вие сте организиран, професионален во мислата, комуникацијата и работниот тек.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

(Ако сте хонорарец) споменете го вашиот работен тек на нов проект

Покажете некои алатки за организација со кои знаете да работите (пр. Asana, Basecamp, Trello)

Споменете некој процес на менаџирање (како Scrum)

Пример: “Работев заедно со маркетинг менаџерот на содржина во процесот на планирање на објавите на блог”

Уште еден начин на кој може да ги демонстрирате вашите вештини за планирање и организација: Особено, ако сте хонорарец / консултант може да го прикажете вашиот работен тек визуелно на вашето портфолио. Погледнете како Стејси Балдини го прикажува нејзиниот процес на дизајнирање и илустрирање.

7. Позитивност

Нема потреба да се смеете 24/7, ниту да носите колачиња секој петок, но позитивниот став или пријатното расположение се клучни. Менаџерите за нови вработувања сакаат да донесат луѓе со кои лесно се соработува и работи.

На пример, кога вашиот код ќе се расипе на само 2 часа пред испорака, дали ќе бидете оној кој ќе се откаже, или оној кој ќе помогне да се дојде до решение?

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Зборувајте за позитивните начини на кои сте пристапиле кон вашите клиенти или колеги

Кога ги дискутирате проблемите кои сте ги решиле, бидете ведар во тонот. Споменете дека ги сакате разговорите за позитивност при интеракција

Пример: “Развив директна врска со клиентот за да ги постигнам неговите цели и да ја претставам компанијата на позитивен, професионален начин.”

Уште еден начин на кој може да го демонстрирате вашиот позитивен став: Прикажете искуства од клиентите и препораки на LinkedIn и/или вашето портфолио. Кога имате некој кој јавно ве пофалува имате и доказ за вашето влијание во друштвото.

8. Презентациски способности

Овие вештини може да се однесуваат на PowerPoint презентации за состаноци или конференции, но во основа, станува збор за способност да ги изразите и пренесете вашите мисли и идеи на друг човек или група. Можеби ќе предложувате насока за редизајн на веб сајт или ќе се обидувате да најдете нов клиент.

Презентациските вештини се корисни на многу начини, на пр. наоѓање инвеститор за вашиот стартап бизнис.

Независно од која индустрија доаѓате, сигурен сум дека досега сте морале да презентирате идеја пред група луѓе за да ги убедите во истата.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Ако некогаш сте презентирале идеи/трендови на продажба на потенцијални клиенти или соработници, вклучете го тоа.

Додадете листа на одредени говори или презентации кои сте ги имале (ова може да е надвор од работното место, како конференцци и состаноци).

Пример: “Зборував на __ за тоа колку е важно жените да земат поголема улога во ризичните инвестиции”

Уште еден начин на кој може да ги демонстрирате вашите презентациски вештини: Ако често зборувате или презентирате, и ако сте добар во тоа, може да додадете и снимка од ваш говор во вашето портфолио. Уште еднаш, покажувањето дека знаете да зборувате е многу поефикасно отколку само да напишете дека сте “одличен говорник.” За реален пример погледнете како Џесика Хајш ги вметнала нејзините говори/презентации на нејзиниот личен сајт.

ДИГИТАЛНИ ВЕШТИНИ

9. Уредување на слики

Ова може да е Photoshop или некоја бесплатна алатка како Canva. Уредувањето на слики може да ви помогне на многу позиции – не само во областа на дизајн.

На пример, дури и маркетинг менаџерот за содржина треба да направи слики за постот на блог, или да направи мали измени на слика која дизајнерот, со кого соработува, му ја пратил.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Релевантни сертификати или курсеви, како на пр. обука за Photoshop, Illustrator

Листа на алатки со кои знаате да работите (на пр. Photoshop, Illustrator, Canva)

Пример: “Креирав графики со кои им помагав на читателите да ги визуелизираат комплексните концепти за потребите на блогот на компанијата”

10. HTML

HTML е основата на вебот и го има (не еден или друг начин) на секој веб сајт на интернет.

Заради ова, HTML е вештина која се бара во секоја техничка индустрија, од дизајн до програмер, од дигитален маркетинг менаџер до хакер за развој. HTML ќе ви помогне и за форматирање на написи, како на пр. во WordPress.

Кои се добрите вести? Може да го научите HTML и да го вежбате на моменталната работа, форматирајќи билтени или правејќи мали измени во веб сајтот на компанијата.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

Вклучете сертификати или курсеви

Вклучете линк до вашиот Github профил (но, само ако имате архиви со проекти на него!)

Пример: “Креирав HTML табеларен дизајн за e-mail билтени кои може да се употребат во маркетинг кампања”

Уште еден начин на кој може да ги демонстрирате вашите HTML вештини:  Запомнете дека треба да покажете, а не само да кажете. Примероците не лажат. (Дури и ако станува збор за измислен проект). До сега не сте имале време да креирате сопствен измислен проект? Секогаш може да го употребите CodePen или JSfiddle за да креирате демо за прикажување.

11. CSS

Додека HTML е скелетот на вебот, CSS е како мускулите и кожата кои ја даваат формата согласно со функцијата.

Бидејќи одат заедно, најчесто се учат паралелно.

Исто како HTML, CSS често се употребува од дизајнерите, програмерите и дигиталните маркетинг агенти. (за брзи измени на стилот на еден сајт)

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

  1. Повторно, покажете релевантни сертификати или курсеви
  2. Вклучете линк до вашиот Github профил
  3. Зборувајте за практична имплементација на вашите вештини

Пример: “Додадов CSS стил на WordPress тема за да ја подобрам естетиката на сајтот и да покажам поголема професионалност.”

12. Принципи на прилагодлив дизајн

Прилагодливиот дизајн значи дизајнирање за сите уреди: десктоп компјутери, лаптопи, таблети и паметни телефони.

Пример за прилагодлив дизајн е познавање на употребата на CSS медиа прашалниците, кои диктираат како страницата ќе изгледа на екрани со различна големина.

Ова е нешто што може да го научите откако ќе ја научите основата на HTML и CSS. Се разбира дека познавањето на прилагодливиот дијан ќе ви помогне како веб дизајнер и програмер. За среќа, постојат многу одлични ресурси – од книги, до часови на интернет – кои може да ви помогнат да го вежбате прилагодливиот дизајн пред да ја добиете работата.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

  1. Сертификати и курсеви
  2. Github профил (ако го имате)
  3. Линкови до проектите кои сте ги направиле за себе или некој член од семејството

Пример: “Програмирав прилагодлива WordPress тема за…”

Уште еден начин на кој може да ги демонстрирате вашите вештини: Демото не лаже, затоа вклучете го на вашето портфолио.

13. SEO

(Речиси) секоја компанија има веб сајт. Бизнисите на интернет се во подем во однос на компаниите со физички локации, што значи дека секоја компанија мора да се грижи за своето SEO.

SEO влијае на начинот на кој веб сајтот ќе се рангира во резултатите при Google пребарувањата. Имајќи го предвид фактот дека има повеќе од 40,000 Google пребарувања во секоја секунда, ова е од огромно значење

Не мора да работите на работно место во веб развој за да размислувате за SEO. Побарајте од вашиот шеф да ги прегледате Google Analytics за вашата компанија, за да може да добиете подетална слика за однесувањето на корисниците.

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

  1. Сертификати или курсеви
  2. Одредени алатки (пр. Moz Pro, Yoast SEO plugin, SEMRush)
  3. Резултати!! На пример, ако сте успеале да го зголемите сообраќајот на некој веб сајт употребувајќи SEO стратегии (дури и ако веб сајтот е ваш или на ваш другар). Прикажете бројки, измерете ги работите

Пример: “Со обезбедени услуги за оптимизација на пребарувачите (SEO) се зголеми сообраќајот за 40% во период од два месеци”

14. Git (и Github)

Ако работите во тим, како програмер, дизајнер или QА, сигурно употребувате  Git (контрола на верзии) и Github.

Тоа е техничка вештина, но и алатка за соработување која има повеќе намени, и која ви дозволува да работите со тим на програмери без да го си го презапишувате кодот.

Дури и без тим, може да започнете со GitHub. Може да го употребувате за хонорарни проекти (па и за соло), да придонесувате во open source проекти, па дури и да креирате сопствени проекти кои другите ќе може да ги употребуваат (како WordPress тема, CSS библиотека, мал JavaScript додаток, итн).

Како да го прикажете ова во вашата кратка биографија:

  1. Вклучете линк до вашиот Github профил; ова е најдобар начин на кој може да *покажете* дека знаете да работите со Git и Github
  2. Ако имате некои проекти кои сте ги споменале во вашата кратка биографија, ставете им линк до нивната Github архива

Пример: “Работев на веб сајт употребувајќи Git и Github. Погледнете ги архивите овде: [линк до архивата]”

автор: Лоренс Брадфорд, SkillNet

Што чекате? Додадете ги овие вештини уште денес.

Дури и ако немате искуство во техничка струка, може да вметнете барем неколку од овие 14 вештини во вашата кратка биографија, LinkedIn, или вашето портфолио на интернет.

И запомнете: и најдобрите веб дизајнери и програмери некогаш немале никакво искуство. Вие сте во добро друштво.


P.S. Ви недостига некоја од дигиталните вештини?
Не грижете се, многу лесно и брзо можете да ги стекнете на Веб Академијата Еверест, учејќи на далечина и работејќи на практични, реални проекти, со еден-на-еден online менторски сесии.

Ти се допадна овој напис?
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.