СПОДЕЛИ

Поминувате недели, месеци, можеби и години креирајќи продукт со одлично корисничко искуство. Независно дали станува збор за апликација, веб сајт, клиентски проект или нешто друго, важно е дека посветувате време за да креирате нешто неверојатно добро.

Тогаш, зошто воопшто не размислувате за корисничкото искуство на електронските пораки кои ги праќате за тој продукт? Само ставате некаков текст во пораката, и ја испраќате. Да, можеби имате лице кое ги пишува содржините, но чистата содржина не е она што го прави корисничкото искуство добро.

АСПЕКТИ НА КОРИСНИЧКО ИСКУСТВО

Познатото саќе за корисничко искуство на Петар Морвил може да се употреби и за електронските пораки (иако важноста на некои од аспектите ќе се помести). Секој аспект во саќето се вклопува совршено со останатите, со цел да ве води низ процесот на креирање на фантастично корисничко искуство.

Корисно

Секоја електронска порака која ја испраќате мора да биде корисна. И, тоа не значи дека треба да ви е корисна само вам, како испраќач. Прво и основно, таа мора да е корисна и за примателот. Ако нема вистинска цел зад себе, освен очигледната – да се купи нешто – тогаш не треба ни да ја испраќате.

Употребливо

Знам. Употребливоста на електронската пошта е комплексна. Секој клиент за електронска пошта не ги обработува визуелно на ист начин HTML електронските пошти. Некои од нив прават вистински неред. Вашите слики може да не се прикажуваат сé додека примателот не им даде поинаква инструкција.

Во основа, електронската пошта набрзина може да се претвори во хаос. Тоа значи дека тестирањето кај различни клиенти е многу важен дел во процесот на креирање на употреблива електронска пошта. Секогаш направете сé што можете, за дури и кога ниедна од сликите нема да се наполни и целиот распоред ќе се искриви, примателот да може да сфати што е она што вие сте имале на ум тој да го направи.

Пожелно

Ова оди рака под рака со корисно. Дали вашата електронска пошта на примателот му нуди нешто што тој го посакува?

Тоа може да е понуда, информација, бесплатен продукт, или било што друго што примателот би сакал да го добие.

Лесно најдена

“Лесно најдена” не значи исто во контекст на електронска пошта. Овде, ова треба да го замислите како еквивалент на “да не заврши во папката со непотребна електронска пошта”.

Постојат многу алатки (како MailTester, IsNotSpam и Lyris ContentChecker for Email) со кои може да проверите колкава е веројатноста вашата пошта да заврши во нечија папка со непотребна е-пошта. Употребете ги.

Пристапно

Пристапноста може да се занемари при дизајнот на електронската пошта. Но, има работи кои може да ги направите за да ја подобрите пристапноста за голем број на корисници со посебни потреби.

Креирање на верзија само со текст е еден од начините, бидејќи така му давате можност на корисникот да ја прочита содржината на електронската пошта без дизајн елементи, ако така му е полесно.

Неколку од другите одлични начини на кои може да ја направите вашата пошта попристапна, и притоа да го подобрите корисничкото искуство, е ако посветите внимание на боите и контрастот на страницата, ги поставите сите линкови на начин на кој ќе може да се кликне на нив (а, не натрупани во купче со други линкови), да овозможите лесно да се кликнува на сите линкови и копчиња со повик на акција, и да работите со јасна хиерархија на информации.

Доверливо

Доверливоста е еден од најважните аспекти, кој од друга страна, лесно се изведува. Еве ги основните правила:

  • следете ги правилата за спам;
  • не праќајте од недоверливи испраќачи;
  • не употребувајте недоверливи редови;
  • не употребувајте недоверлив текст;
  • ставете јасно до знаење каде водат линковите.

Вредно

Најважниот аспект од дизајнот на корисничко искуство, независно од медиумот, е вредноста. Сé што креирате мора да е вредно за вашиот корисник. Тоа значи дека мора да им обезбедува нешто, а тоа може да е информација, или бесплатен продукт, или посебна понуда, па дури и нешто помалку нематеријално.

Другиот клуч е тоа што вредноста е директно поврзана со повратот на инвестиции. Инвестиција, во овој случај, е времето и трудот кој сте го вложиле. Ако примателот треба да работи за нешто, бидејќи вашиот дел е лошо дизајниран или го добива со проблеми во функционирањето, тогаш вредноста на она што го добива мора да е повисока. Количината на напор која тој ја вложува во елетронската порака мора да е пониска од вредноста која ја добива.

Со други зборови, ако некому му нудите бесплатна е-книга (која секогаш е бесплатна), тогаш трудот кој тој треба да го вложи треба да е минимален. Еден нефункционален линк е доволен за да го разубеди.

Сепак, ако нудите нешто што вреди, да речеме 6000 денари, тогаш може и малку повеќе да го помачите.

Се разбира, независно од вредноста, колку помалку напор треба да вложи корисникот, толку подобро ќе биде корисничкото искуство. Целта е да биде “лесно”.

ОПТИМИЗАЦИЈА ЗА МОБИЛЕН УРЕД

Една од најважните работи кои може да ги направите е да оптимизирате за мобилен уред. Луѓето не праќаат тони електронски пораки од телефон, но затоа пак, читаат многу пораки на телефон, или да бидам попрецизен, прелистуваат многу пораки.

Ако вашата електронска пошта  е оптимизирана за мобилен, тогаш има помала веројатност да заврши во корпата за отпадоци пред да ја отворат на компјутер. Тоа значи дека ја оставиле за да ја погледнат подоцна, и најверојатно ќе ја фрлат..

Само заради тоа што вашата стапка на конверзија на мобилни не е одлична, не значи дека треба да ги игнорирате мобилните уреди. Не го потценувајте бројот на луѓе кои прво погледнуваат на мобилен, а потоа детално разгледуваат на компјутер.

ТЕСТИРАЈТЕ, ТЕСТИРАЈТЕ, И ПАК, ТЕСТИРАЈТЕ

Една од најдобрите работи за маркетингот преку електронска пошта и нивниот дизајн е тоа што може да тестирате употребувајќи многу модерни платформи за таков маркетинг. A/B тестирањето е од основно значење за повеќето електронски пошти за тие да можат лесно да се употребуваат.

Може да почнете со тестирање на текстот во полето за предмет, да тестирате различни формати и типови, и да видите што ќе има најдобра стапка на отворање. Следете го напредокот и резултатите како што ќе праќате, за да може да продолжите да креирате според она што ќе ви го дадат резултатите.

Потоа, префлете се во самата пошта. Тестирајте го текстот, распоредот, сликите, копчињата за повик на акција… Рафинирајте ги по секоја испратена пошта, и следете ги и анализирајте ги резултатите. Покрај конверзиите, обратете внимание на стапката на откажување на претплатата.

Тестирајте и компатибилност

Постојат алатки, како Litmus, кои ви дозволуваат да ја проверите компатибилноста кај повеќе платформи и клиенти за е-пошта. Искористете ги за да проверите дали вашата електронска пошта се чита независно од начинот на кој вашиот клиент ја прегледува, а притоа посветете внимание на најпопуларните сајтови.

Заклучок

Само заради тоа што електронската пошта се случува надвор од вашиот главен продукт, не значи дека за неа треба да го игнорирате корисничкото искуство. Ова е првиот и основен допир на корисникот со вашиот продукт. И запомнете, тие избрале да добиваат електронска пошта од вас. Во суштина тие како да побарале од вас да им се промовирате. Немојте да го прокоцкате тоа со лошо корисничко искуство!

извор: webdesignerdepot

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.