
Знам дека сега е очигледно, но Apple е огромната сила која стои зад идејата дека дизајнот е важен. Во доцните 90-ти работев во CompUSA, живеејќи го сонот на секој бубалица и играјќи, премногу долго, Ultima Online, додека креирав презентации за директорот за Макромедиа како хонорарец. Се сеќавам на главната идеја на Стив Џобс и лудиот нов компјутер кој не изгледаше како типичен компјутер, туку беше целосно спротивен на она што се наоѓаше во продавниците. Оваа светла, забавна, сина играчка во морето на жолти, пластични кутии ги возбудуваше купувачите со претставата за она што еден компјутер може да биде. Имаше 1024 x 768 екран, што беше нешто невидено. Секој веб сајт кој тогаш го креирав беше 640×480, и ако сакав да дизајнирам нешто што е на работ на можностите, креирав 800×600! Лудо! Во подножјето на веб сајтот, гордо имав напишано:
НАЈДОБРО Е ДА СЕ ГЛЕДА НА INTERNET EXPLORER на 800×600!

“Највлијателниот продукт на годината!” -тогаш, често можевте да ме слушнете мене, 19-годишникот, како со восхит им зборувам на луѓе на кои не им беше грижа. “Сте забележале ли како во последнава година секој потрошувачки продукт ја употребува таа сина, прозрачна пластика, дури и кога нема логика за такво нешто?” – ги прашував пријателите, додека тие пиеја огромни количина алкохол и успешно флертуваа со спротивниот пол. Се чинеше дека никому не му е грижа, освен мене.
Токму таа главна црта, која го смени дизајнот на продуктите, ми помогна да се одлучам дека сакам целосно да се фокусирам на дизајнот. Идејата да се пристапи на нешто старо и тоа да се редефинира, бараше од вас да сте вoлшебник кој може да маѓепсува топки оган што се вртат.
Зошто UX дизајн работата е неверојатна
Нема да ви продавам филозофии за тоа колку и зошто UX дизајнот (односно дизајнот на корисничко искуство) е важен, ниту да ви ја објаснувам разликата помеѓу UX и другите видови на професии за дизајн. Ако вие веќе не го знаете сето тоа, не верувам ни дека го читате ова. Она што сакам да го направам е да ве убедам да се фокусирате на овој тип на дизајн.
Високо платени работни места
Ако уживате во дизајнирањето и ако сте добри во тоа, ова е многу голем мотиватор, иако не треба да е клучен.
Нема голема конкуренција
Секој искусен професионалец може да ви каже дека менувањето на идентитетот и професијата е застрашувачко. Тоа е начинот на кој се дефинирате себе си.
“Што работиш?”
“Јас сум графички дизајнер!” – гордо, јасно и гласно одговарав со крената тупаница во воздух како рок ѕвезда од 80-тите.
Она што повеќето дизајнери не го разбираат, е дека тие во последниве години веќе и ја менуваат професијата, независно дали го сфаќаат тоа или не. Сте биле графички дизајнер, сте правеле реклами за печетени списанија, распореди на книги и понекој банер на веб сајт, т.е сте правеле графички дизајн. Потоа, полека сте се префрлиле и сте работеле исклучиво на веб сајтови, па можеби и по малку на дизајн на софтвер. Сте станале професионалец во HTML 4.1 и сте биле сведок на подемот на листите со стилови. Сега сте фрлени во забавниот простор на мобилните апликации, кои може да се изградат на стандардниот начин или со веб технологија. Учете за A/B тестирање и возбудливиот свет на циклусите на развој според Agile манифестот. Светот околу вас е станат дигитален, и вие веќе не сте графички дизајнер со традиционалното значење на зборот. Вие сте фаца во светот на дизајнот!.
Стручњак со повеќе вештини
Секој дизајнер денес може да ви каже дека дизајнерите знаат многу работи и деке се фокусираат на широка палета на технологии и идеи. Деновите кога се фокусираа на специфичен сет на работа се одамна завршени.
Пребарајте огласи за работното место ‘графички дизајнер’ и сигурен сум дека оваа листа ќе ви изгледа познато:
Услови:
- 10 години искуство
- Мора да има одлично познавање на стратегија на содржина
- Мора да е гуру за социјални медиуми
- Диплома од акредитиран универзитет
- Задолжително искуство на ниво на стручњак за следниов софтвер: Adobe Photoshop, QuarkXPress, Indesign, Premiere, After Effects, Avid, Microsoft Office, WordPress, Adobe Illustrator, OS2/Warp, Microsoft Windows 95, Adobe Flash, PHP, MySql, Javascript, Xcode, Java, Amazon aws, Html 5, CSS, Adobe Dreamweaver (LOL)
- Мора да е згоден
- Нема работење од дома
Почетна плата од $11 на час, со можност за напредок по 24 месеци од вработување со полно работно време.
Контактирајте не за да ве ангажираме.
Како да станам UX дизајнер?
Ако веќе сте дизајнер, вие сте во предност. Еве неколку совети кои ги собрав минатата година за да можам да помогнам на секој кој сака да оди напред.
Научете да бидете бидете сочувствителни
Дизајнерите се ужасни кога треба да слушаат некого. Научете да слушате. Одново прочитајте ја старата книга на Дејл Карниги која пред многу години ја добивте од пријателот и која едвај и да ја разгледавте.
Сериозно. Престанете толку многу да зборувате и почнете да слушате што имаат другите да кажат.
Запознајте се подобро со дигиталните работи
Ако сеуште не сте целосно вклопен во дигиталниот свет, ќе мора да го завршите тоа. Креирајте мали веб страници за забава, обидете се со неколку апликации за да стекнете искуство или работете на проекти за мали стартап компании. Ова е полесно отколку што мислите. Не треба да се збогатите од овие проекти, туку да земете нешто што ви е познато и да го усовршите. Или пак прочепкајте низ нештата кои другите ги изградиле, за да може вие да ги поправите.
Читајте малку
Прочитајте неколку добри книги. Јас почнав со About Face 3. Книгата е малку застарена, вториот дел е целиот за правење интерфејс во windows 3.1 (или XP , не се сеќавам) но почетокот е многу корисен. Ако имате препораки за добри книги/текстови кои треба да се прочитаат, оставете ги во коментар.
Редизајнирајте го корисничкото искуство на постоечки продукт
Земете возбудлив продукт и обидете се да го направите подобар. Постирајте ги идеите во заедници на дизајнери за реакција. Поставувајте многу прашања, а Quora е одлична за тоа. Редизајнирањето на нешто што веќе го има на пазарот е одличен начин на учење. Ништо не ризикувате, а може многу да добиете.
tl;dr
Дизајнот сега се бара повеќе од било кога. Голем дел од времето во проектите, дизајнерите го трошат фокусирајќи се на корисничкото искуство, независно дали треба да откријат како да ја однесат публиката до содржината во која сакаат, или целта им е да ја зголемат продажбата во мобилната апликација. Ако вашата работа ве тера да го правите ова и ако уживате во крајниот резултат, или ако сте помлад дизајнер и уживате во етнографски истражувања и сакате да ги слушате луѓето и да ги сфаќате нивните потреби, тогаш треба да го земете UX дизајнот како ваша определба.
UX дизајнерите се постојано барани во многу нови, но и во докажани компании, а сигурно ќе се инфилтрираат и во други сектори во иднина. Работното место е добро платено и ви дава неверојатна слобода и работа која се наградува. Ако веќе сте успешен дизајнер, она што треба да го научите е минимално, а најважната работа која треба да ја научите, емпатијата, е нешто што ќе ви се најде не само во кариерата, туку и во животот.
автор: Ryan Allen, @ryanallen_com
Заклучок
UX дизајнот е релативно нова дисциплина која станува се поактуелна во последно време. Ако UX дизајн и дизајнот воопшто е нешто што Ве привлекува, имаме добри вести за вас: веб академијата Еверест има студиска програма со која ќе ве подготви за оваа професија.