СПОДЕЛИ

Марија има девет години, а Магдалена наскоро ќе наполни седум. Тие се сестрички родени во Скопје, а во последните четири години живеат во Стење, Преспа, откако нивните родители Јасмина и Андреј Марјановиќ одлучиле да го сменат начинот на живот. Навидум обични девојчиња, а за денешни услови богами и „необични“ со хобито што го негуваат – читање книги!

Додека повеќето родители на деца од овие возрасти мака мачат да ги убедат своите деца да читаат макар и по неколку реченици на ден, родителите на Марија и на Магдалена имаат друга мака – како да ги оттргнат од премногу читање! Откако забележаа дека добро им оди, тие почнаа многу позитивно да влијаат и врз своите другарчиња, а оттаму и идејата љубовта кон книгата да ја пренесат и на поширока публика, односно со свој јутјуб-канал Mary and Maggie.

Не можеме да ги сопреме

И двете учат во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Стење. Марија е четврто одделение, а Магдалена – второ. Мајка им Јасмина Илиевска-Марјановиќ, дипломиран филолог, се потсетува за тоа како се родила љубовта кон читањето.

– Уште од лулка си игравме и раскажувавме со меки, бебешки книги, но мислам дека Марија вистински се вљуби во книгите на возраст од 2 до 3 години, кога првпат ги пронајдовме книгичките од едицијата „Пикси“ на „Топер“. Tаа едиција има прекрасни детски изданија за сите фази од растењето на малите момчиња и девојчиња и ние уживавме да растеме со нив, ни помагаа да се запознаеме со градинката, одењето на доктор, забар, училиште, сѐ по ред… Постојано ѝ читавме сликовници и Пикси-книгички пред спиење, како и повеќето родители, а таа покажуваше неверојатна меморија и јазична дарба, ни бараше често да ѝ ги читаме и ги знаеше наизуст уште тогаш – се потсетува Јасмина.

Омилена книга на Марија ѝ е „Принцезата и Гоблинот“
Идејата за јутјуб-каналот била на таткото на Марија и Магдалена

– Тој ни е главниот продуцент, режисер, снимател, светло и тон-мајстор, монтажер, дизајнер, аниматор и интернет-гуру… Таму и двете ги покажуваат работите што сакаат да ги прават и да ги споделат со други дечиња. Се надеваме дека ќе наидат на врсници со кои ќе може да другаруваат и да разменуваат искуства… Читањето беше само една од нивните активности за кои снимивме видеа. Искрено, се изненадивме кога сфативме дека читачките навики на повеќето деца не се како оние на нашите деца, па сега се обидуваме да најдеме соодветен начин да ги заразиме и другите – вели Јасмина.

Таа тврди дека новите медиуми можат да помогнат и за стекнување позитивни навики.

– Мислам дека на децата денес им недостига читањето да биде интересно и забавно. Родителите и учителите би требало да им помогнат во тоа. Но, можеби најмногу можат да влијаат самите деца со својот пример и со својот природен натпреварувачки дух. Има некои медиуми што се особено погодни за преодниот период, како стрипот, видеото, анимацијата. Би сакале читањето повторно да стане кул. Во договор со учителката, јас направив обид овде во Стење да ги заинтересираме другите дечиња и наидовме на многу искрен полет кај децата, секоја недела се договараме што наредно ќе читаме, читаме гласно пред сите, како да глумиме претстава, и тоа многу им се допаѓа, па вежбаат и сѐ подобро читаат – вели Јасмина.

Многумина би им честитале на одлуката на Јасмина и Андреј да го напуштат Скопје и да одат во помало место. Идејата била на Андреј.
– Се решивме затоа што имаме професии кои дозволуваат работа од далечина, а ние одамна посакувавме да живееме на убаво, чисто и здраво место. Во мигот кога Марија требаше да тргне во прво одделение се најдовме пред изборот „сега или никогаш“. Се решивме, дојдовме и сѐ тргна добро. Марија од прво видување се вљуби во новото училиште и во новата учителка и така останавме овде. На двете им се допадна новото место, каде што има чист воздух, езеро за пливање во лето и снег на планината во зима. Воодушевени се од природата и таа е во сите нивни цртежи. За загаденоста во Скопје дознаваат и не само од нас. Но, загаденоста е проблем на целава планета, па и овде мораме да внимаваме на загадувањето поради прскањето на јаболковите насади – признава Јасмина.


Доколку сакате да ја прочитате статијата во целост, продолжете со клик овде.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор: Ивана Кузманоска
Благодарност за отстапениот текст до Fakulteti.mk

Ти се допадна овој напис?
Се согласувам моите податоци да бидат префлени на MailChimp ( повеќе информации )
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.