СПОДЕЛИ

Од Eлектротехнички факултет до успешен графички дизајнер – ова е накусо приказната за Зоран Кардула, еден од најуспешните македонски графички дизајнери.

Со дизајн се занимаваш веќе 20-тина години. Кога, каде и како ти се роди љубовта кон сликањето најпрво, па подоцна и кон графиката ?

Со дизајн се занимавам веќе 21 година, меѓутоа љубовта кон сликарство е од мал. Отсекогаш сум сакал да сликам, да гледам слики – тоа ми беше љубов. Сакав да се запишам на академија, меѓутоа имаше приемен испит – слободно цртање и мислев дека не сум многу добар за слободно цртање и затоа се запишав на електро бидејќи ја сакав математиката и имав информација дека е многу лесен факултет.

Дипломираше на електротехничкиот факултет а сега си вработен во Публицис во Скопје. Бидејќи очигледно е дека студиите на Електротехничкиот факултет тешко дека имаат врска со дизајнот, што беше потребно да направиш за да го работиш тоа што го работиш денес?

Иако се запишав на електро, постојано ја негував љубовта кон сликарството. Постојано сликав, тоа ме релаксираше и никогаш не се откажав од него. Меѓутоа електро го завршив во соодветен рок, но не продолжив по таа насока. Во тој период се распадна Југославија и сите фирми кои имаа потреба од таа професија се распаднаа. Тогаш започнав самиот да се учам за графички дизајн, започнав со Corel Draw и така влегов во таа професија која е поврзана со сликарството. Од 1995 работам како дизајнер, најпрво како графички дизајнер во претставништво на Opel, потоа две години како freelancer, меѓутоа исто така како надворешен член на Публицис и сега веќе 15 години сум во Публицис.

Забележав дека имаш поставено свои дела на сајтот Society6. За што станува збор?

Од пред години дена, ми се јавија пријатели од странство кои не можеа да ги купат моите дела. Тогаш ги поставив моите дела на Society, иако е жално што од Македонија не може да се купат од таму бидејќи не сме во листата на земји со кои соработува сајтот. Сајтот работи на принципот испраќање на дизајни од моја страна, а подоцна тие ги прилагодуваат во зависност од тоа дали станува збор за маица, футрола за лаптоп и сл. Станува збор за доста интересен сајт, меѓутоа не наоѓам време целосно да се посветам на тоа, иако се обидувам и таму да бидам активен.

Каков е интересот на клиенти од странство за купување твои дизајни? За што најмногу се интересираат?

Интересот е поголем на клиентите од надвор. Советскиот конструктивизам, кој доста многу го сакам е еден од поинтересените  за западните земји. Клиените од странство можат полесно да ги купат моите дизајни и мислам дека заинтересираноста кај нив е поголема.

Колку Интернетот ти помага во промовирање на твојата работа?

Премногу. Интернетот апсолутно многу помага, така и сите дознаа за моите дизајни и многу помага во промовирање, но и за надоградба и учење. Се е достапно и се е блиску. Долги години не ги објавував моите дела и сликите ги сликав само за мене, меѓутоа видов дека луѓето сакаат да ги видат овие нешта и интернетот ми помогна да можам да покажам што знам и секако да го зголемам интересот за моите дела.

Дали си имал ментор или некој кој те вовел во светот на дизајнот?

Почнав сам, меѓутоа тука беа моите пријатели кои започнаа пред мене. Од нив ги научив првите програми и тие ме внесоа во светот на дизајнерот. Тие одиграа важна улога во мојот правец и во тоа како ќе се движи мојот дизајн.

Се среќаваме во Концепт 37 каде што на 6-ти ноември минатата година ја имаше својата прва самостојна изложба под наслов “Elegant, Beautiful, Mystical“. Kакви се впечатоците од вашата прва изложба и дали можеме да очекуваме нова во иднина?

Видов дека луѓето се задоволни од тоа што го работам и дека сакаат тоа да го видат. Затоа почнав и да ги објавувам и на социјалните мрежи и добив доста позитивни коментари. Изложбата помина одлично и ме изненади заинтересираноста кај нас. Секако, нова изложба е во план, но ќе видиме. Имам доста дела и материјали, но сепак е рано да се каже.

8e7d3229625595.5669924779a44

Моментално најпопуларни и најнови дизајни се твоите редизајни на популарните југословенски постери. Од каде идејата за нешто вакво и од каде најчесто доаѓаат идеите за твоите дизајни?

Доста сум љубител на стари работи од Југославија, весници, списанија. Луѓето се повеќе велат дека дизајнот е од сега, и дека порано немало дизајн, меѓутоа сакав да им покажам дека и порано имало дизајн и тоа доста добар. Јас постојано бев воодушевен од дизајнот кој го имаше во тоа време. Затоа ги направив редизајните, плус тогаш било многу понапорно да се изработи нешто од тоа сега како е сега. Интересот за овие дизајни беше голем, на тој начин изгледа им се врати носталгијата за тоа време. До сега направив 3 редизајни од југословенски постери, веројатно ќе направам уште редизајни.

Инспирацијата најчесто ми доаѓа од секаде, меѓутоа морам да го споменам едно списание кое 26 години го читам. Тоа е списание за архитектура АD, даваат најубави куќи и архитектонски градби во светот и од таму црпам доста инспирација.

Неодамна беше прогласен победник на Латинскиот филмски фестивал во Сан Диего, каде меѓу 70 решенија ти беше победникот. Меѓутоа ова не е единствениот твој успех и достигнување. На што си особено горд од твоите успеси?

Тој натпревар ми го испрати еден пријател од Бразил. Имам правено плакати за моја душа, меѓутоа ова беше несвојствено за мене и затоа ми стана интересно бидејќи станува збор за Латински фестивал и сакав да пробам. Направив и победив, беше доста случајно и тие беа презадоволни од дизајнот. Малку ризикував со дизајнот меѓутоа ми успеа тоа, едноставен минимaлизам беше. За најголем успех го сметам дизајнот на накит, прво за Swarovski потоа за една руска фирма меѓутоа тој конкурс беше прекинат. Тоа го сметам за еден од најголемите успеси бидејќи стануваше збор за жири од највлијателните луѓе  во светот на дизајнот.

Кое е твоето хоби освен сликањето?

Освен сликањето, имам многу хобија. Собирам метални кутии, кои ги собирам заедно со сопругата и имаме над 300-400 кутии. Собирам олд тајмери колички мали, собирам старивии, релативно сум човек што собира се. Тоа најмногу ме исполнува.

Како и на кој начин се надоградуваш себеси? Дали читаш книги, посетуваш обуки и предавања од твојата област?

Сега е лесно, порано беше проблем. Сега се е на интернет, се може да се најде лесно. Мора да се прати што дизајнерите работат и како работат, што е популарно, кои бои се популарни. Дизајнот си има свои правци и мора да се внимава што е модерно, а сега е полесно од било кога, поедноставно е, меѓутоа младите дизајнери имаат поголем притисок во тоа да направат подобри дела бидејќи имаат повеќе достапни алатки.

Каков совет ќе им дадеш на новите генерации кои сакаат да се занимаваат со оваа работа и кои ја имаат љубовта кон графиката?

Морам да ги пофалам младите дизајнери, кои се доста добри. Би им се порачал да се не се откажуваат од првичната идеја, ако им се допаѓа да продолжат со таа идеја. Иако секогаш победуваат клиентите бидејќи сепак се од финансиската страна,  сепак би им кажал да се држат до својата идеја. Работите за кои сум бил наградувам се најчесно само мои идеи. Да се надоградуваат постојано, би спомнал една мисла од Бохеј кој за младите дизајнери вели дека идејата треба да ја бараат насекаде.

интервјуто го водеше
Aнамарија Велиновска

линкови:
Зоран Кардула на Behance и Society6


Биди и ти како Зоран!

Стекни знаења и вештини и потоа освој ги клиентите ширум светот. Запиши се на стручни студии на веб академијата Еверест и стани Веб дизајнер или UX дизајнер.


Највредниот дар кој го поседуваат луѓето е грижата и споделувањето.
Споделете го тоа што го имате, грижете се за тие кои ги имате.

Ако ти се допадна статијава, сподели ја со своите пријатели.
Ќе ги израдуваш и нив и нас.

Ти се допадна овој напис?
Стани член на клубот на веб професионалци Еверест и прв добивај информации кои можат да ти помогнат за твојот натамошен професионален развој.
И ние како и ти ги мразиме спамерите. Твојата email адреса никогаш нема да биде (про)дадена некому. Чесен збор.